| четврток, 6 декември 2018 |

Оранжериите да користат геотермалните води, бараат производителите

оранзерија

Тарифникот за термалните води да се ревидира и приспособи во согласност со реалните состојби и потреби на терен, бараат производителите во оранжерии.

Воедно, апелираат надлежните министерства, за економија, земјоделство, транспорт и за животна средина да овозможат целосно спроведување на Програмата за искористување на енергентите, особено на геотермалните води, донесена во 2012 година.

Како што рече денеска на прес-конференција Бранко Балтовски, претседателот на Групацијата за оранжериско производство при Стопанската комора, цената на геотермалните води мора да се приспособи на локалните услови, да се одредува според вложувањата за нивно ставање во функција и според експлоатацијата.

– За да се стави во функција еден извор на геотермална вода, која не е површинска, неопходни се најмалку 500.000 евра. Но, ако не ја користите, зашто регулативата, практично, не е приспособена на локалните потреби, инвестицијата останува јалова – истакна Балтовски.

Според него, цената на мазутот изминатите четири години порасна за 300 проценти поради што најголем дел од капацитетите речиси не се во функција.

– Ако некој сегмент не функционира затоа што е прескап, како мазутот во случајов, тогаш, во согласност со тарифникот, нема да функционира ни другиот сегмент – геотермалните води. Затоа бараме промена на тарифникот, односно негово усогласување со реалните состојби – објасни Балтовски.

При дефинирањето на тарифникот, додаде, мора да се земе предвид дека геотермалните води се отворен систем на греење, за разлика од мазутот, кој е затворен и тоа овозможува 100-процентно искористување на енергијата.

Претседателот на групацијата укажа дека за 24-часовно загревање на оранжериите во јануари и во февруари се трошат 250.000 денари, додека за производство на еден килограм домат се потребни еден килограм мазут или еден кубен метар геотермална вода. Притоа, просечната цена на доматот е 40 денари.

За оранжериските производители, освен проблеми со енергентите, треба да се надминат и некои катастарски.

Моментно класичното оранжериско производство во Македонија не само што не нуди извоз, туку едвај ги задоволува и домашните потреби. Во клучните месеци, декември, јануари, февруари и март Македонија увезува и тоа, главно, од Албанија, Турција и Грција.

– Место да јадеме увезени производи, треба сите заедно да се заложиме и да обезбедиме услови за домашно оранжериско производство преку ставање на компаративните предности во функција – истакна Балтовски.

Осврнувајќи се на конзервната индустрија, спомена дека таа не треба да се потпира на тоа што ќе остане непродадено. Потсети и дека порано се произведуваа по 100 хектари индустриски пиперки и домати наменети исклучително за преработувачите.

Оранжериите во Македонија покриваат 240 хектари но, од нив, само четири со вкупна површина од околу 35 хектари  користат термални води за загревање. Како што информира Васко Ристовски од Стопанската комора, токму поради енормно зголемените трошоци за греење на кои отпаѓаат речиси 70 проценти од вкупните производни трошоци, раноградинарите, од зимско-пролетно производство се преориентираа на подоцнежно производство, кое се совпаѓа со пластеничкото. Оттука, потоа се јавува вишок на пазарот и драстично намалување на цените.

Програмата за искористување на енергентите, особено на геотермалните води, донесена за периодот 2013 – 2016 година, според групацијата, се спроведува во Кочани, Виница, Струмица и во Гевгелија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top