
Хрватскиот театарски и филмски актер, режисер и драматург Филип Шоваговиќ (1966) со претставата „Три сестри“ на Градскиот театар „Гавела“ од Загреб гостуваше на Млад отворен театар (МОТ). Режисер на делото на Чехов беше македонскиот режисер Слободан Унковски. Филип е син на прославениот актер Фабијан Шоваговиќ, а мајка му Маја била професорка.
Посетувал и музичко училиште, каде што свирел на гитара. Овој инструмент го свири и денес, заедно со Македонецот, професорот Фадил Абдул, кој го учи на некои потези преземени од Стефановски и Тадиќ. Откако паднал на приемниот испит на Филозофскиот факултет, се запишал на Академијата за драмски уметности. Таму сѐ уште е студент по актерска игра и по режија. До денес има остварено улоги во повеќе од 40 филма, играл и во десетина серии. Меѓу другото, глумеше и во филмот „Ничија земја“, кој доби „Оскар“. Напишал и десетина драми, а се занимава и со продукција и со филм.
Во театарската претстава „Три сестри“, чијшто режисер е Македонецот Слободан Унковски, Вие го толкувате ликот на Иван Романович Чебуткин. Вашата улога „бара“ многу, посебно физичка подготовка, бидејќи така како што го замислил Чехов, а Унковски уште понагласено го истакнува, Чебуткин е вистински модерен изведувач, кој константно има акробатски настапи. Згора на сѐ е и пијан. Како беше да се работи со Унковски?
Шоваговиќ: Убаво го кажавте тоа. Со Унковски имавме еден краток разговор на темата дали тој доктор и неговото движење се во лет или, пак, тој паѓа. Во еден момент го прашав професорот дали има смисла овој лик да личи како постојано да паѓа од авион и нему тоа му се допадна. Унковски на првиот разговор ме праша дали сакам да играм мала или голема улога во претставата, и јас одговорив дека би сакал да ми додели мала улога. Тој се насмеа. Во некои претстави оваа улога на Чехов константно се редуцира, но, Унковски овде не сакаше да го постигне тоа. Така што не знам колку имаше смисла нашиот прв разговор. Подоцна со Унковски разговаравме и за други теми – спорт, политика, уметност и алкохол и дојдовме до заклучок дека докторите многу пијат и дека пациентите не им возвраќаат со љубов. Најчесто ги трујат со цигари и со алкохол.
Вие сте син на познатиот актер Фабијан Шоваговиќ, кој беше вистинска ѕвезда во поранешна Југославија. Како беше да се расте покрај него?
Шоваговиќ: Убаво. Мојот татко имаше страст кон градењето и со тоа ми се врзани најубавите спомени од детството. Многу работи научив од него, посебно околу градежништвото. Денес кога некој ќе го спомене татко ми, тоа најчесто се сеќавања на улогите и на некои литературни творби што тој ги остави зад себе. Но, јас секогаш се сеќавам како заедно нешто градевме. За тој период ме врзуваат убави сеќавања. Не знам дели е можно тоа да се доживее денес. Сакам да кажам, не знам дали по законите на Европската унија може сами да изградите куќа или тоа за вас мора да го направи некоја фирма.

Музиката е Вашата љубов. Велите дека денес имате стаж од 40 години како се занимавате со музика, но и понатаму имате професор по гитара. Со него свирите и некои потези според Стефановски и Тадиќ. Зошто на крај се решивте за актерството?
Шоваговиќ: Се смее (з.а). Свирам со еден ваш сонародник, од Македонија е, се вика Фадил Абдулов. Се обидуваме да го снимиме тој прв албум, но прво мора да сфативме дека, генерално, нѐ интересира музиката, а не само некои нејзини делови. Но, се губиме барајќи некој стилски код, но набрзо потоа ќе сфатиме дека нема да успееме. За нашата музика не може да се каже дека е џез или етно, туку нешто помеѓу, како некој хибрид.
Во својата кариера имате остварено голем број улоги на филм, телевизија и во театар. Вие сте еден од најценетите и нетипични драмски писатели, чиишто дела се изведувани во неколку земји. Успешни сте и како продуцент и како режисер. Го објавивте романот „Животот е глув“. Во што најмногу уживате додека работите? А што Ви одзема најмногу време и енергија?
Шоваговиќ: Се обидувам да ја завршам Академијата. Ги дадов своите уметнички дела на двете катедри на загрепската драмска академија. Студирав актерска игра и филмска режија одвоено, а не паралелно. Долго време студирав, но сега, со некои реформи во образованието, ме вратија на втора година (се смее, з.а). Тоа е многу интересна приказна и да не сум писател, веројатно повеќе би се нервирал за тоа. Немам амбиција да го завршам факултетот за да бидам директор на операта или на Хрватско народно казалиште, но имам амбиција да завршам факултет. Тоа е многу интересна приказна за системот и за тоа пишувам со голема вдахновеност. Се занимавам и со видеопродукција, бидејќи ме интересира анимација. Учествував и во кулинарското шоу и научив многу работи, како на пример дека цвеклото, пиперката и тиквичките се многу важни во исхраната и треба да бидат на менито во нашата исхрана.
Вашиот последен филм го режиравте во 2012 година, а во него глуми и поранешниот претседател на Хрватска, Стјепан Месиќ. Каков актер е Месиќ?
Шоваговиќ: Филмот со Месиќ има документарен призвук. Не навлегувам во проблематиката на просторот и на времето и не ги делам луѓето на леви и на десни, на паметни или глупави. Во драматуршката анализа на едно дело може да се прашате дали е ова документарен филм или игран филм. Тоа се тие хибриди што ме интересираат.
Глумевте во филмот „Ничија земја“ (2001), кој доби Оскар за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје. Како е денес да се биде актер или режисер во Хрватска?
Шоваговиќ: Па, забавно е. Јас многу време поминувам на „Фејсбук“. Некои луѓе се многу интересни, имаат интересни профили и објавуваат интересни текстови. Многу улоги направив според тие профили на социјалната мрежа. Само кликнете и сѐ ви станува јасно.
(Пишува: Александра М. Бундалевска
Текст објавен во 109. број на неделникот „Република“, 3.10.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст


