Премиерата на македонскиот филм „Децата на сонцето“ во Лондон помина без „виновниците“ за постоењето на филмот. Македонскиот режисер Антонио Митриќески и дел од екипата на долгометражниот филм не добија британска виза. Образложението од агенцијата задолжена за барањата за виза на Македонците е дека им недостигал некаков формулар, а и покрај настојувањата на тимот од филмот да го обезбеди тој формулар во најкус можен рок, режисерот и продуцентот останаа без потребната дозвола за влез во Велика Британија. Се пожали и ликовниот уметник Сергеј Андреевски. Тој во август годинава го пропушти фестивалот „Тартан харт“ во Бјули, Шкотска. Андреевски беше најавуван како една од ѕвездите во уметничкиот дел на фестивалот, наспроти Том Џонс, како ѕвезда во музичкиот дел. Но, поради тоа што не доби виза, тој остана дома… Нему не му недостигал никаков формулар. Проблем бил хонорарот што ќе му биде исплатен за учеството на тој фестивал. Иако тој четирипати претходно добивал британски визи, петтиот обид му беше безуспешен.
– Ме одбија поради тоа што во поканата од фестивалот пишуваше дека ќе земам хонорар од 1.000 фунти. Првпат ми се случува некоја амбасада да ме одбие. Многу сум изненаден бидејќи не сум ни илегалец ни криминалец – изјави тогаш Андреевски.
Со проблеми при добивање дозвола за влез на овој остров се соочуваат многумина – и уметници и обични граѓани. Сѐ уште се зборува за игроорците од битолското КУД „Гоце Делчев“ кои пред десет години играа оро пред британската амбасада, која тогаш се наоѓаше во центарот на градот, за да докажат дека навистина се игроорци. Во пеколните скопски летни денови тие им докажуваа на Британците дека умеат да играат македонски ора. Иако бараа извинување од тогашниот амбасадор Роберт Диксон што 35 игроорци, наместо да заминат во Велс на фолклорниот фестивал „Ленголенд“, играа оро пред амбасадата и беа одбиени за виза, тоа не се случи. Тој немал за што да се извинува. Им дале на дел од нив визи, ама тие решиле да не одат. Велшките власти, како и тамошните медиуми, го критикуваа таквиот однос на амбасадата. „Би-Би-Си“ направи посебен извештај за тоа што им се случувало на македонските игроорци. Но, се чини, и по десет години сѐ останува исто, па дури и полошо.
Петиција од македонските иселеници
Дека ништо не е подобро зборува и самиот факт што на страницата на „Фејсбук“ на Асоцијацијата на Македонците во Обединетото Кралство почна кампања за собирање поплаки, документација и примери за проблемите со добивањето британска виза. Целта е да се испрати писмо до македонското и до британското МНР во кое ќе се посочат третманот на Македонците и тешкотиите за добивање дозвола за влез на британскиот остров.
– Сакам сестра ми да ми дојде на гости во Британија, каде што живеам. Но, не ѝ даваат виза со образложение дека ќе остане тука – коментираат Македонците на оваа страница.
Тие се жалат и на престрогите критериуми, како, на пример, условот за висината на примањата од 18.000 британски фунти, поради што многумина останале без потребната дозвола во пасош. Македонците негодуваат и за скапата процедура за вадење виза. Велат дека самиот факт што сите документи мора да бидат на англиски јазик е дополнителен трошок за сите.
Амбасадата нема конкретен одговор
Инаку, македонските граѓани веќе неколку години добиваат британски визи преку британската амбасада во Варшава. Од март годинава барањата може да се поднесуваат и преку агенцијата „Телеперформанс“ (Teleperformance), која презеде одговорност за примање барања за визи за Македонци. Странките плаќаат по 59 фунти за услугата. Од британската амбасада во Македонија ни изјавија дека не можат да обезбедат статистика на одобрени или неодобрени барања за виза со оглед на тоа дека тие не ја обезбедуваат таа услуга од април 2014 година.
– За таа услуга се задолжени надворешни субјекти, со договор, како дел од одлука на глобално ниво. Во таа насока, не можеме да обезбедиме статистика за бројот на одобрени или одбиени барање за виза. Барателите на виза сѐ уште треба да пополнат барање електронски и да поднесат документи и биометриски податоци во Центарот за визи во Скопје. Донесувањето на одлуката за издавање или за неиздавање визи се врши во Варшава, од страна на британската Агенција за визи и имиграција за територијата на Европа. Одлуката за издавање виза се донесува врз основа на критериуми што важат за сите баратели, вклучително и за македонските граѓани – ни изјавија од Амбасадата.
Тие не беа во можност да одговорат зошто британската виза станува недостижна за македонските граѓани.
За виза се бара и од пиле млеко
Пред да побарате британска виза, задолжително проверете дали имате барем една празна страница во пасошот за, ако добиете виза, да има каде да ви ја залепат. Пасошот мора да важи најмалку шест месеци, односно цело време додека трае престојот. Во задолжителната документација мора да има и две фотографии со бела заднина, не постари од шест месеци, како и писмо-покана од тој што гарантира, во кое се објаснуваат целта на посетата и должината на престојот во Англија.
За англиска виза мора да имате и доказ дека вие, тој што гарантира или некое друго лице (родител, роднина) може да ги финансира патувањето и престојот во Англија. Доказот треба да биде во форма на писмо или извод од банка, кои покриваат период од шест месеци пред датумот на поднесување на барањето за виза.
За виза мора да се приложи и потврда од работа и/или, ако е потребно, доказ дека тој што гарантира за барателот на визата или друго лице кое ги финансира патувањето и посетата е вработен. Како и кај другите амбасади, потребна е здравствена книшка, копија од обрасците М1 и М2 и копија од договор за работа кои се прифаќаат како единствен доказ дека барателот е во работен однос.
Барателите на визи што се студенти треба да достават индекс и потврда за упис, доказ за поседување настава и документ за одлагање/ослободување од факултет или од училиште. За баратели постари од 55 години е потребен доказ за здравствено осигурување кое го покрива целиот период за кој се бара визата.
(Пишува: Билјана Зафирова
Текст објавен во 109. број на неделникот „Република“, 3.10.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст