| четврток, 6 декември 2018 |

Елизабета Канческа-Милевска: На 18 октомври ќе го промовираме Археолошкиот музеј со ексклузивна археoлошка поставка

Од оваа година Министерството за култура заедно со 16-те национални установи од областа на музејската дејност ќе започне со реализација на повеќегодишен проект за воспоставување постојани поставки во националните музеи од сите области: археологија, историја, историја на уметноста, етнологија, современа уметност и природонаука. Преку овој проект нашите музејски институции ќе добијат најрепрезентативни постојани музејски поставки, атрактивно конципирани простори кои ќе имаат современи облици на презентација на музејските експонати и кои ќе овозможат една интеракција со посетителите.

-Денеска музеите во Штип и во Битола имаат извонредни историски, етнолошки и археолошки поставки, Прилеп има впечатлива историска и археолошка збирка, Музејот во Крива Паланка поседува етнолошка и археолошка поставка. Ќе ги споменам и Музејот на теракотата во Виница, Музејот во Демир Капија, во Свети Николе, музејот „д-р Никола Незлобински“ – Струга кој годинава доби нова постојана музејска поставка, Галерија на икони која е сместена во црквата „Св. Никола“. Со задоволство ќе потсетам дека по децениска пауза, своја постојана музејска поставка доби и Музејот на современата уметност во кој се изложени непроценливи дела на домашни и странски автори од колекцијата на оваа институција, рече министерката Елизабета Канческа-Милевска.

Министерката информираше деке во текот на овој месец ќе бидат промовирани уште два исклучително значајни проекти.

-На 18 октомври пред јавноста ќе го промовираме новиот објект на Археолошкиот музеј каде што ќе биде презентирана ексклузивна археoлошка поставка и на еден автентичен начин, со употреба на најсовремена музејска технологија, специфично осветлување и амбиентална музика ќе биде раскажана милениумската историја и култура на територијата на Македонија. На 26 октомври ќе ја промовираме и новата постојана поставка посветена на прогонетите од Егејскиот дел на Македонија која ќе биде сместена во Музејот на Македонија. Оваа особено атрактивна поставка, го прикажува историјатот на учеството на Македонците од егејскиот дел на Македонија во Втората светска војна и Граѓанската војна во Грција и настаните што се одвивале на овие простори, соопшти министерката.

Проектот за воспоставување постојани поставки во националните музеи ќе се реализира во периодот од 2014 до 2017 година. Со проектот се опфатени Заводите за заштита на спомениците и музеите во Прилеп, Охрид, Битола, Струмица, Штип, Музејот на Македонија, Природонаучниот музеј на Македонија, Историскиот музеј – Крушево, Музеите во Куманово, Гевгелија, Тетово, Кичево и Струга, НУ за управување на археолошкиот локалитет Стоби–Градско, Музејот на албанската азбука – Битола и Уметничката галерија – Тетово. Сите овие музеи ќе добијат концепциско и ентериерно преуредување, како и воведување на засилен стандардизиран безбедносен систем за музејските објекти (видеонадзор, аларм, сензорна и противпожарна заштита).

-Музејските поставки ќе ги содржат највредните артефакти кои се карактеристични за градот или регионот и ќе бидат извонредна можност, домашните гости и посетителите од странство да се запознаат со непроценливите културни вредности и несоборливите факти на македонското културно наследство, истакна Канческа-Милевска.

Во Музејот на Македонија во Скопје ќе се реконцепира постојаната историска поставка. На површина од 2000 метри квадратни, ќе бидат изложени значајни предмети и документи од целокупната македонска историја, музејски предмети од историјата на средновековната уметност, меѓу кои се и иконите кои се дел од богатата колекција на овој музеј, потоа печатот на македонското кресненско востание, оригинални знамиња и многу други артефакти. Во Музејот на Македонија исто така ќе се изврши и техничко-технолошко осовременување на постојаната етнолошка поставка.

Во Скопје, предвидени се значајни интервенции и во Природонаучниот музеј на Македонија, најстарата музејска установа во Република Македонија, која својот 90 –ти јубилеј ќе го одбележи со освежени тематски поставки, но и со постојана поставка која ќе биде пресек на богатството на македонската природонаука.

Во Прилеп, ќе биде воспоставена постојана етнолошка поставка како значаен репрезент на етнолошкиот развој на овој регион. Во современо уредениот простор во Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј ќе бидат изложени интересни експонати, орудија, етнолошки предмети од текстил, обичаи карактеристични за прилепскиот регион. Исто така, со програмата, предвидено е Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Прилеп, да ја обнови и поставката во Спомен-куќата на Кузман Јосифовски-Питу која ќе биде надополнета со нови експонати поврзани со животот и делото на овој истакнат револуционер и борец за слободна Македонија.

Културната и туристичката понуда на градот Охрид ќе бидат збогатена со уште еден многу значаен проект, а тоа е отворањето на постојаната поставка на златните предмети пронајдени со археолошките истражувања во охридскиот регион која очекуваме пред јавноста да биде претставена до крајот на 2014 година. Оваа ексклузивна поставка која е сместена во Куќата на Робевци, содржи повеќе од 400 експонати. Исто така, според програмата, предвидено е со донација од турската агенција за поддршка на културното наследство „Тика“ целосно да се обнови ентериерот во Куќата на Робевци, во кој ќе биде претставена и реконципирана поставка, посветена на животот и делото на ова старо охридско семејство.

Во Крушево, надлежната установа Историски музеј – Крушево активно ќе работи на постојаната поставка во објектот Леарница, а ќе биде реконципирана и постојаната поставка во Музејот на Илинденското востание каде ќе бидат изложени значајни оригинални артефакти, фотографии од членовите на Привремената влада, карти, предмети со кои се служеле Никола Карев, Питу Гули, макети и многу други значајни експонати. Историскиот музеј во Крушево ќе ја реконципира и постојаната поставка во Музејот на НОБ како и музејската поставка во Галеријата на Никола Мартиноски, објект со висока артитектонска вредност каде што е презентирано исклучително вредно ликовно наследство создадено од основоположникот на македонската ликовна уметност. Како што и претходно сте информирани, со поддршка на Министерството за култура веќе е обновена надворешноста на овој значаен објект, а се работи и на ентериерното уредување.

Во Битола, градот каде што како што нагласив, веќе се оформени и презентирани пред јавноста археолошка, историска и етнолошка поставка, кои опфаќаат над илјада експонати, предвидено е проширување и осовременување на постојаната поставка со предмети кои ги рефлектираат процесите во 19 и 20 век. Поставката ќе биде надополнета со значајни експонати од конзулскиот период на Битола, меѓу кои се вредни резбани експонати од 19 век, како и предмети од уникатниот приватен музеј на старото битолско семејство Лала. Исто така, предвидено е да се осовременат постојаните поставки во: Меморијалниот музеј во Смилево, Спомен-куќите на Гоце Делчев и на Стив Наумов лоцирани во Битола.Надлежната институција Завод за заштита на спомениците и Музеј Битола треба комплетно да ја заврши и уреди и Спомен куќата на Татарчеви во Ресен.

Нова постојана етнолошка поставка ќе добие и Музејот на албанската азбука во која преку многубројните експонати ќе биде прикажана културата, историјата и традицијата на албанскиот етникум.

Во Штип во ноември оваа година ќе го промовираме новиот Музеј на познати штипјани во кој ќе биде изложен значаен историски материјал кој ќе ја илустрира богатата активност на штипјаните од Ново село. Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј -Штип во наредниот период ќе работи и на проектите за осовременување на постојаните поставки во рамките на установата, Спомен-куќата на Славчо Стојменски и Галеријата со дела од современата уметност.

Туристичката понуда во Струмица, убедена сум дека ќе биде збогатена со осовременувањето на комплексната постојана поставка во Заводот и музеј Струмица, во која се изложени неколку стотици предмети од археолошки, историски и етнолошки карактер кои ги отсликуваат културата, историјата и традицијата на овој регион. Во овој град е предвидено и осовременување на Галеријата на икони „Св. 15 тивериополски маченици“, која е една од најбогатите и највредните во југоисточниот дел од Републикава, и реконцепирање на постојаните поставки во Спомен-куќата на Благој Јанков-Мучето и во Староградската куќа (Турска пошта).

Најзначајните артефакти пронајдени на археолошкиот локалитет Стоби, ќе бидат изложени во новата постојана археолошка поставка која ќе се смести во објектот Стара железничка станица, во чиј дворен простор ќе се воспостави и лапидариум.

Музеј на тетовскиот крај активно ќе работи на воспоставување на постојана археолошка поставка и реконципирање на етнолошката и историската поставка. Исто така, во Тетово, во посебно уреден простор во Уметничката галерија ќе биде презентирана и постојана поставка на ликовни дела кои се сопственост на оваа национална установа.

Во Струга, во Музејот „д-р Никола Незлобински“, за прв пат по една деценија, ќе биде реализиран проект за осовременување на постојаната природонаучна поставка. Во научната установа во која што се означени почетоците на музеолошката дејност во Република Македонија, предвидени се нови витрини, ново осветлување, нови експонати од областа на природонауката кои за прв пат ќе бидат изложени пред јавноста.

Музејот „Западна Македонија во НОВ“ во Кичево ќе добие нови, реконципирани постојани поставки од областа на историјата и етнологијата, а ќе биде воспоставена и археолошка музејска поставка, во која ќе бидат изложени значајни артефакти пронајдени на локалитетите во регионот.

-Во Куманово, целосно ќе биде обновена поставката во Спомен-куќата на македонскиот народен херој Христијан Тодоровски-Карпош, која е споменик на културата од 1976 година. Поставката е од особено значење, бидејќи ќе содржи автентични документи, оружје, фотографии и други експонати.Исто така, ќе бидат издвоени и средства за реконцепирање на комплексната постојана поставка во кумановскиот музеј, која ќе биде надополнета со нови експонати откриени на археолошките истражувања на локалитетите во кумановскиот регион. На крајот, ќе завршам со Гевгелија каде е предвиденапостојана етнолошка поставка која ќе содржи вредни етнолошки артефакти кои прават пресек на развојот на културата на овој регион, заврши Канческа- Милевска.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top