| четврток, 6 декември 2018 |

Пилешки гулаш

Прва асоцијација за гулаш е Унгарија. Најчесто е говедски, па потоа може да се приготви со телешко или со свинско месо, а најмалку е познат со пилешко. Во секоја варијанта е вкусен.

За гулашот најважно е месото, тоа да биде тазе и да биде младо. Сите си имаат свои тајни состојки кога го приготвуваат. За некои тоа е ладно пиво, за други бело вино. Некој му додава ким, мајчина душичка, нане… Изборот на зачини зависи од вкусот. Кога е готов, го прелеваат со кисела павлака. Како прилог со него се служи или пире од компири или тестенини, варени макарони или шпагети.

Pileski-gulas-1

Во овој рецепт кој ви го предлагам вкусен е поради изобилството на кромид и на пиперки, кои откако ќе се помешаат со месото, имаат совршен вкус. Во почетокот на есен на пазарите има изобилство на пиперки – црвени, зелени, жолти. Кога ќе го готвите измешајте ги боите – повкусно е, и поубаво личи. Така и ќе ги излажете децата да пробаат од гулашот. А кога ќе почнат да јадат од манџата, ќе стасаат и до месото. А тоа убаво се разварило, ги примило сите вкусови и промешано со пире или пак со макарони, едноставно се „лизга“ низ грлото. И додека си се свртил, чинијата е празна!

Состојки

400 грама кромид

едно пиле

200 грама салца или доматно пире

1 лажица црвен пипер

200 грама брашно

4 свежи пиперки

магдонос

сол

црн пипер

2 лажици кисела павлака

1 лажица бело вино

 

Подготовка

Кромидот се сече, се прижи на масло за јадење, а потоа се додават брашното, доматното пире, црвениот пипер и се налева малку вода. Кога ќе проврие, се додава исеченото пиле на парчиња и се динста се додека не омекне. Потоа се вади месото во друг сад, а во прецедениот сос се додаваат пиперките исечени на резанки. Можете да употребите жолти, црвени, зелени пиперки заради колоритот на јадењето. Гулашот се вари уште неколку минути, потоа се додава лажица вино, се промешува и се служи со пире од комири или со макарони или шпагети.

По желба се прелева и со кисела павлака и се посипува со свеж магдонос ситно исецкан.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top