| четврток, 6 декември 2018 |

Иселениците и инвеститорите ги наполнија банките

Банкарите велат дека се случува позитивен пресврт во делот на депозитите на фирмите. Тоа што беше честа практика порано - компаниите да повлекуваат пари од банките место да вложуваат, сега е намалена бидејќи имаме обратна ситуација од почетокот на годинава. Сега фирмите место да повлекуваат пари - вложуваат во банките, а депозитите одат во нагорна линија

Иселениците што традиционално доаѓаат во земјава во лето и засилената извозна активност на фирмите-извозници во август неколкукратно ги зголемија заштедите во банките. Имено, според податоците на Централната банка, граѓаните и фирмите во август годинава вложиле речиси 100 милиони евра во македонските банки, што претставува неверојатен скок на заштедите, статистички незабележан во ниеден месец претходно. Депозитите во банките и претходно имаа тренд на пораст, но, во просек, за околу 20 милиони евра месечно, додека во август од вкупната сума нови заштеди од 94,4 милиони евра, компаниите ставиле околу 60 милиони евра на чување во домашните банки, а салдото на заштедите на граѓаните се зголемило за 27,7 милиони евра. Ова е досега невиден месечен пораст на депозитите на фирмите во банките бидејќи досега или бил во многу помал износ, или фирмите повлекувале пари од банките. Тоа особено беше честа појава во текот на минатата година, кога депозитите на деловниот сектор, од месец во месец, постојано се намалуваа. Годинава тие, генерално, одат по нагорна линија.

Според стручњаците, последните податоци за депозитната активност во август, најверојатно, се од сезонски карактер, но факт е дека депозитите во последно време растат.

– Од домашна активност не може да се реализира толкава заштеда на фирмите. Нај­ве­ројатно станува збор за зголемување на депозитите по основа на извозна активност. Фирмите оствариле по­­голем извоз во тој период или во прет­ходниот, па сега со наплата парите дошле во земјава и поминале преку банките. Како и да е, радува фактот дека фирмите имаат повеќе средства, што значи имаат пари за вложување и немаат голема потреба за подигање кредити. Последниов период од месец во месец се зголемува депозитната база, што укажува на тоа дека засилените економски активности влијаат позитивно врз работењето на фирмите. Освен зголемените заштеди на фирмите, во август имало и поголеми заштеди на граѓаните, во прилог на што оди доаѓањето на иселениците во земјава, кои носат пари, кои, пак, се ставаат в банка како заштеда. Сето тоа влијаело врз зголемување на депозитите во банките во август годинава – смета професорот Томе Неновски.

Банкарите велат дека се случува позитивен пресврт во делот на депозитите на фирмите. Тоа што беше честа практика порано, компаниите да повлекуваат пари од банките место да вложуваат, сега е намалена. Дури има обратна ситуација од почетокот на годинава. Сега фирмите место да повлекуваат пари, вложуваат во банките, а депозитите одат во нагорна линија.

– Во последните неколку години заштедите на граѓаните и на компаниите имаат тенденција на постојан пораст, при што се реализира проектираната динамика на пораст, без значајни отстапувања од неа. Во текот на 2014 година порастот на депозитите на правните лица е резултат на зголемените состојби на трансакциските сметки на правните лица, преку кои го вршат своето редовно работење, а не на орочените депозити – вели Маја Стевкова – Штериева, главна финансиска директорка во Комерцијална банка.

Ekonomija109-2

Со најновиот пораст, македонските фирми во банкарскиот сектор чуваат вкупно 977 милиони евра, зборуваат податоците на Централната банка, наспроти 917 милиони евра во јули годинава. Вкупните депозити во домашните банки, пак, ја надминаа границата од 4,4 милијарди евра, на крајот на осмиот месец од годинава. Покрај заштедите на компаниите, главно граѓаните ги полнат домашните банки со орочени пари. На крајот од август вкупните штедни влогови на домаќинствата во банкарскиот сектор тежеле 3,195 милијарди евра.

Штедењето во денари сѐ уште има примат во однос на тоа во девизи. Податоците на НБРМ покажуваат дека и натаму во валутната структура на депозитите доминираат денарските. Имено, во истиот период банките забележале 2,5 милијарди евра денарски штедни влогови и 1,8 милијарда евра девизни штедни влогови.

Банкарите велат дека се случува позитивен пресврт во делот на депозитите на фирмите. Тоа што беше честа практика порано, компаниите да повлекуваат пари од банките место да вложуваат, сега е намалена. Дури има обратна ситуација од почетокот на годинава. Сега фирмите место да повлекуваат пари, вложуваат во банките, а депозитите одат во нагорна линија.

Депозитите во банките во Македонија континуирано растат. Се очекува таквиот тренд да продолжи и во наредниот период со годишна стапка на пораст од 10 проценти, прогнозира Централната банка.

– Порастот на депозитите е континуиран и стабилен, иако можам да кажам дека во последните години порастот, како стапка на пораст на депозитите, е нешто понизок од тоа што беше во минатото. Меѓутоа, станува збор за солидна стапка на пораст од околу осум проценти. Сметам дека пораст од 10 проценти ќе биде добра стапка, која Македонија ќе може да ја задржи во подолг период – изјави неодамна гувернерот Димитар Богов.

Податоците на Централната банка покажуваат дека годишната стапка на пораст на вкупните депозити на крајот на јуни изнесува 8,3 проценти. На квартална основа, вкупните депозити бележат пораст од 1.153 милиони денари.

Извештајот на Народната банка бележи и пораст на лошите кредити, кои во осмиот месец од годинава пораснале за речиси 13 милиони евра. Така кредитите чиишто рати нивните корисници не можат да ги платат три и повеќе месеци, во август достигнале 474 милиони евра, наспроти 461 милион во јули. Поради тоа и процентот на лошите заеми во вкупните кредити се искачи на 11,9 проценти, наспроти 11,6 во јули.

Според податоците на НБМ, банките и фирмите во август користеле кредити од вкупно 3,977 милијарди евра.

 

(Пишува: Александрија Стевковска
Текст објавен во 109. број на неделникот „Република“, 3.10.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top