Прашањето дали најголемата партија на Албанците во последниве 12 години има претставник во Државниот совет за безбедност е легитимно и лидерот на ДУИ и неговите сопартијци треба да добијат соодветен одговор. Но во барањето решение за оваа криза во односите меѓу ДУИ и претседателот Ѓорге Иванов, кој пред претседателските избори без никаков аргументиран повод беше нападнат од Мала Речица, централно прашање треба да биде дали сите државни институции, политички партии, религиозни групи и граѓани, генерално, се на иста страна кога станува збор за повратниците од боиштата на Блискиот Исток.
Советот за безбедност не може во исто време да биде замена за работата на институциите, особено на МВР, каде што ДУИ има доволно кадри што точно знаат колку е голема опасноста од тие што заминуваат во војна и кои еден ден сигурно ќе се вратат ако останат живи.
Две сценарија важни за Македонија и за регионот
Според неофицијални анализи на западни институции и невладини институти, но и на сите домашни извори, доколку акцијата на западните сојузници, предводена од САД, даде резултат и комбинацијата од воздушни напади и копнени акции на арапските држави успее да го растури системот врз основа на кој функционира Исламската држава во Ирак и во Сирија, меѓу другите, за нас се интересни две важни сценарија што се во оптек.
Според едното, целосен пораз на Исламската држава или делумен распад на привремените институции, кој преку дел од медиумите и, пред сѐ, преку социјалните мрежи ќе биде прикажан како неправда и атак врз сите муслимани, неколкукратно ќе го зголеми бројот на нови доброволци што ќе сакаат да одат во Ирак и во Сирија. Одличниот пропаганден концепт на поборниците за исламски калифат, кои преку „Фејсбук“ и „Твитер“ се во можност да регрутираат илјадници муслимани, им дава моќ за која можеше да сонува и Ал Каеда на Осама бин Ладен во врвот на својата сила. Лажните пораки во кои се прикажуваат муслимани што се жртви и христијани или Евреи што се напаѓачи, многу лесно и сосема некритички се прифаќаат дури и од умерени муслимани, кои со години од дел од арапските медиуми беа информирани само за американски и за британски напади во кои гинат невини муслимани, а речиси никогаш за настани во кои гинат невини немуслимани. Во таква нејасна ситуација во која не се знае што е постаро, јајцето или кокошката, односно дали битката ја почнале муслиманите или немуслиманите, јасно е дека дури и очигледни лаги лесно поминуваат кај често маргинизираните исламски граѓани во западните земји и во регионот. Според ова сценарио, бројот на членовите на Исламската држава од сегашните 25.000–31.000 лесно би можел да се зголеми на 50.000 доколку има потреба за такво нешто. Ако се следи процентот на луѓе од Балканот што сега се борат на ирачкиот и на сирискиот фронт, кој изнесува меѓу пет и седум проценти, јасно е дека регионот, еден ден, кога исламските радикални групации ќе ја загубат битката, ќе си има работа со најмалку 2.000 добро тренирани борци подготвени на сѐ, а Македонија со најмалку 200 луѓе што порано или подоцна ќе се вратат во земјава носејќи ги своите радикални ставови, кои, сигурно, не станале поумерени гледајќи или учествувајќи во крвави походи во кои гинеле шиити, сунити, алевити, христијани или Евреи.

Ќе ни се случи ли интензивно враќање на радикални структури?
Второто сценарио за кое треба да бидат подготвени сите земји од каде што сега заминуваат доброволци е подобро за регионот на Левант, но е помалку корисно за земјите што се извознички на борци. Доколку завршат побрзо акциите за кои американскиот претседател Барак Обама најави дека можат да траат со години и сирискиот претседател Башар ал Асад и иранската влада успеат да ја искористат западната интервенција и да ги вратат своите територии под контрола, не се исклучува масовно и интензивно враќање на борците во матичните земји. За дел од нив се проценува дека би можеле да останат во регионот или да се префрлат во други држави каде што има неконтролирана територија, како во Либија, но најголем дел од нив ќе се вратат дома. Ниту Македонија, ниту која било друга „земја–извозник“ нема капацитет да ги следи сите овие враќања затоа што и големите сили како Франција или Велика Британија и нивните безбедносни структури со буџет тежок милијарди не знаат ниту колку вкупно ниту кои луѓе точно биле дел од радикалните исламски структури. Македонските власти, и покрај донесените закони за санкционирање луѓе што регрутираат и што се регрутирани, кои се дел од странски конфликти, не може да казнува луѓе за кои нема доволно докази соодветни за судска постапка. Тоа што за некој има сомнеж или полуинформации дека бил во Сирија и тоа што некој има печат дека влегол и една година формално престојувал во Турција, на пример, не може да биде ниту треба да биде доволно за санкција. За соочување со овие луѓе е потребна поширока акција во која, меѓу главните фактори, ќе бидат луѓето во ДУИ затоа што и тие самите беа дел од вооружени структури, по што во голем дел успеаја да се интегрираат во општеството и затоа што доколку нема успех во превентивното дејствување и нивно интегрирање, први на удар ќе бидат владините институции и, особено, муслиманите што ги предале своите браќа и соработуваат со немуслимани при владеењето. И покрај тоа што ДУИ досега покажа дека добро се снаоѓа пред вакви предизвици, повратниците од Сирија и од Ирак ќе бидат најголем испит за партијата по 2001 година. Падот на рејтингот и нападите врз партијата на Али Ахмети, генерално, од муслиманската јавност, кои се случија по протестите за поддршка на осудените во случајот „Монструм“, покажа дека ДУИ сѐ уште нема концепт како ќе се постави доколку на Македонија ѝ се случат најцрните сценарија во овој контекст за кои предупредуваат сите суштински меѓународни центри.
Лоша порака за потенцијалните доброволци
Голем дел од пратениците на ДУИ во македонскиот парламент не гласаа за законот со кој се санкционираат македонските граѓани, учесници во странски вооружени конфликти или во странски паравоени формации. Дури 10 од вкупно 16 присутни народни пратеници на ДУИ не гласаа за Измените на Кривичниот законик. Со тоа ДУИ испрати конфузна порака до дел од граѓаните од каде што се регрутираат доброволците. Меѓу тие што гласале за законот не се Рафиз Алити, Хазби Лика, Џевад Адеми, Артан Груби и Али Ахмети. За разлика од машките пратеници на ДУИ, за измените гласале повеќето пратенички од оваа партија. За законот се изјаснил и Талат Џафери, координаторот на пратеничката група. И ако за Артан Груби донекаде е разбирливо да не гласа затоа што, практично, во неговата населба има дури седум загинати борци во Сирија, нејасно е зошто од гласањето апстинирал Рафиз Алити, кој доаѓа од делот од Скопје од каде што нема ниту еден загинат. Пратеникот Џевад Адеми, кој сѐ уште е на црната листа на САД од каде што постојано се предупредува на опасноста од ваквиот тренд кај младите македонски Албанци, исто така не гласаше за законот.
(објавено во 109. број на неделникот „Република“, 3.10.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст


