Опозицијата влезе во сопствен деструктивен филм кој гласи: „Секој што не е со нас, е против нас“. Долго време добро се менаџираа и затскриваа, но силните поделби и несогласувања околу дејствувањата на новиот, популистички СДСМ, конечно, излегоа на виделина. Согледувајќи ја катастрофалноста на сегашната лидерска политика и секој нов потег што ги приближува до бездната, многу партијци одамна алармираат на губењето на востановениот лик и дух на партијата, која во поново време, соочена со безидејноста на врхушката и повеќе од лоши резултати, прибегна кон уште полошо копирање на потезите и на политиката на своите противници. Не издржаа ниту најтврдокорните „независни“ аналитичари кои јавно кренаа раце од нив.
Познавачите на состојбите сметаат дека пораките за грешните потези и деструктивноста, кои дојдоа од нивните редови, никогаш нема да „пристигнат“ до лидерите, но тие остри пораки и онака се наменети за членството, акт кој треба да ги освести и да им укаже на трулоста во „државата Бихаќка“. Медиумите, пак, кои често предупредуваа на небулозите и на самоубиствените пориви во опозицијата, не можеа да ја оштетат партијата. Причината беше повеќе од едноставна – и да сакаа да го сторат тоа, не ќе можеа да дојдат на ред од раководството, кое со секој свој потег сѐ повеќе и подобро ја уништува сопствената партија. Наметнатиот Едипов комплекс придонесе за уништување на политичката матрица од која овие ликови произлегоа, заведени и поведени од една, единствена цел – политичко исчезнување и историско бришење на „таткото“ на партијата, во чија сенка се родени и израснати, а која, очигледно, многу им пречи. Небаре, доколку го избришат, како награда ќе следува инстант партиска реинкарнација и враќање на власт.
Кога лидерот бара сојузници
Како по некое непишано, нелогично правило, секој обид на партијата да излезе од калта беше брзо и ефикасно подриван од лидерот. Во рок од една година, човекот што го носи бројот еден во партијата, наместо да биде главен стратег во нападот и во одбраната, беше тој што дарежливо даде многу автоголови и учествуваше во руинирањето на веќе урнатиот лик на партијата. Најчеста арена на неговите гафови беа интервјуата. Па, и да ги заборавиме сите оние лапсуси за имање повеќе татковци, наркокартели од Јужна Америка, фригидност во евроинтеграциите и „Села под седум јасени“, главниот проблем се две интервјуа. Во една година неговите „излети“ на една албанска ТВ разочараа многу Македонци.
Првиот се случи во јуни 2013 година, веднаш по неговиот избор за лидер. Тогаш тој си „призна“ многу работи, меѓу другото и дека патриотизмот, едноставно, не им личи. Грешката во дејствувањето Заев ја детектираше и во поддршката на бранителите, Струга и на Кичево, која не им „личела“. Едновремено доби силно одобрување од Албанците, особено кога побара регулирање на правата на борците на УЧК.
Многумина сметаа дека лекцијата е научена, но се случи дежа ви. Година и два месеца по таа „несреќна“ изјава, истиот лидер со истиот новинар и на истото место на „злосторот“ кажа уште една небулоза.
– Ако е дадена максимална казна на досегашните завршени пресуди на оние луѓе што протестираат, катастрофа… Зошто бе максимални казни, што е целта, што сакате да кажете со таа работа? – изјави Заев коментирајќи ги пресудите за насилните протести и кршењето судови по пресудата за „Монструм.“ Дел од медиумите го протолкуваа чинот како отворена понуда за коалиција со ДУИ и со ДПА, но заборавија на математиката, слабата страна на многумина. Најверојатниот и најсоодветен, а со тоа не и најлогичен, одговор на партијата за целта на лидерот би била содржана во познатите зборови „некои прашања не заслужуваат одговор“.
Пандов: Очекувам членството да ги исфрли на клоци
Еден од десетиците познавачи на состојбите што постојано алармираа на самоуништувачкиот процес кај опозицијата е и Александар Пандов, чии анализи се толкуваа како напад, а не како критика за самоанализа и подобрување. Тој смета дека СДСМ ќе остане глув и на критиките од проопозициските аналитичари.
Пандов: Искрено би сакал да е така и, конечно, и кај нив да го видиме ветерот на промена, но и повеќе од сигурен сум дека тоа нема да се случи и дека тие и натаму ќе тонат в кал. Точно е дека СДСМ има голем проблем што нема програма, стратегија, концепт и пат кој ќе го зацрта и по кој цврсто ќе се движи, но тие се второ, трето и четвртостепени проблеми во нивната партија. Првиот и главен проблем на таа партија е двоецот Шекеринска-Заев кој докажа и покажа и повеќе од јасно дека нема капацитет да ја води партијата, а уште помалку, пак, да ја води опозицијата. Мене никако не ми е јасно како членството во таа партија сѐ уште не се собра пред главниот партиски штаб на Шатева и не ги исфрли од него на клоци. Па, прашувам што уште треба да ѝ направат на СДСМ тие двајца за нивното членство и натаму да ги толерира. Ако го погледнете нивното раководство, како и нивната интелектуално-новинарска поддржувачка екипа, ќе ви стане јасно дека тоа, пред сѐ, се луѓе „хејтери“, кои последен пат во својот живот се насмеале пред пет и повеќе години, луѓе на кои секоја реченица им почнува со зборот „не“, луѓе на кои финансиската состојба им е таква заради Владата, луѓе кои на сѐ гледаат негативно и на кои омилен филмски жанр им е хоророт. Зборот ми беше, сѐ додека не видиме здрава кадровска промена, односно промена од корен, дотогаш нема да видиме ни здрави луѓе таму, а со тоа ни здрава програма, стратегија, концепт и каков било сигнал за освестување.
Пандов не е изненаден од непризнавањето на СДСМ на последните резултати од анкетата на американската ИРИ, но однесувањето го толкува како инфантилен потег и уште еден доказ за незрелото однесување на раководството кое води кон тотален распад. Изјавата на Заев за пресудите на протестите за „Монструм“ ја посочува како врв на очајот на партијата.Пандов: Постои народна поговорка која вели дека некои луѓе е подобро да молчат и да бидат сметани за будали отколку да зборуваат и со тоа да ги отстранат сите сомнежи. Од појавувањето на господинот Заев на македонската политичка сцена досега сме се наслушале еден куп бисери и лапсуси од него, до толку што во дадени моменти гледачот на телевизија се прашува да не е тој прилог дел од некое реално шоу или, пак, од некоја скриена камера. И сѐ додека со тие изјави тој ѝ прави штета на својата партија, а не ретко и на државата на меѓународната политичка сцена, до некаде тие се и прифатливи. Во моментот кога тој, а и кој било друг политичар, се обидува да прави политички поени на меѓуетнички односи, особено како во конкретниот случај „Монструм“, во кој, да потсетам, најбрутално беа егзекутирани пет недолжни млади луѓе, е политика која треба да се осуди најостро. Со тоа тие покажуваат колку се очајни и дека би направиле сојуз и со црниот ѓавол само за да им наштетат и на останатите и ако можат со тоа да повлечат уште некого заедно со нив во калта во која незадржливо тонат.
(Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 109. број на неделникот „Република“, 3.10.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.