| четврток, 6 декември 2018 |

Градежни работници ќе добијат сертификати за знаењата за енергетска ефикасност

ефикасност

Околу илјада работници од градежниот сектор што имаат познавања од енергетската ефикасност ќе добијат сертификати за своите знаења, а уште 200 лица ќе бидат обучени за тренери во рамки на проект што се спроведува во координација со Стопанската комора на Македонија.

Проектот познат како „Обука на градежни работници за енергетска ефикасност“ се реализира во рамки на иницијатива „Билд ап скилс“ што беше воспоставена во Европа во јуни 2012 година.

Ќе се дава сертификат за знаењата и вештините на пет занимања од градежниот сектор и тоа фасадери, столари, техничари за греење, ладење и за климатизација, поставувачи на покриви и електричари. За нив огласот ќе биде објавен во мај в година. Сертификатите што ќе ги добијат ќе бидат признани, покрај во Македонија, во Хрватска и во Словенија.

–  Тоа што е важно е дека со овој проект ќе се воведе систем на препознавање на претходното знаење и искуство, односно знаењето на илјада градежни работници ќе биде со сертификат. Од друга страна, ќе имаме обучена работна сила што ќе гради енергетско ефикасни објекти и ќе ја подигнеме конкуретноста на градежниот сектор – истакна Јелисавета Георгиевска, извршна директорка на Стопанската комора на Македонија.

Во петте дејности ќе се обучуваат и тренерите што ќе треба да ги препознаат знаењата и вештините кај работниците. Нивните обуки се очекува да почнат во февруари в година.

Процесот на издавање сертификати и обучување ќе се спроведе под надзор на Центарот за образование на возрасни.

– Улогата на Центарот ќе биде важна и по завршувањето на проектот затоа што не сакаме да останеме само на оваа група обучени работници. Заедно со Стопанската комора на Македонија ќе ја разгледаме можноста да обезбедиме одржливост на овие програми – подвлече директорката на Центарот за образование на возрасни, Линдита Ќазими.

Вкупниот буџет на проектот е 400.000 евра, а ќе се спроведува во период од 20 месеци.

Во согласност со стратегијата на ЕУ, Македонија до 2020 година треба да обезбеди 36,13 проценти заштеда на енергија во градежниот сектор. За тоа, на државата ќе ѝ бидат потребни најмалку 9.800 до 16.000 квалификувани градежни работници за енергетска ефикасност.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top