| четврток, 6 декември 2018 |

Муџахедините од Србија подготвувале напади на Белград и на Рим

balkaska brigadaСрпското обвинителство за организиран криминал вчера поднесе обвинение за пет лица што се обвинуваат за тероризам – финансирање, организирање и учество во вооружените судири во Сирија.

Обвинение е подигнато против Адиб Подбичанин (35), Сеад Плојовиќ (31), Тефик Мујовиќ (34) и Изудин Црновршанин (35), сите од Нови Пазар, како и за Ферат Касумовиќ (30) од Белград.

Плојовиќ, Црновршанин и Касумовиќ се наоѓаат во притвор од почетокот на март годинава, а по обвинението судот им го продолжил притворот.

Подбичанин и Мујовиќ се во бегство и за нив е издадена потерница, а е предложено да им се суди во отсуство.

Обвинителството се сомнева дека Подбичанин и Мујовиќ на почетокот на 2013 година воспоставиле врски со терористички организации ИСИЛ и фронтот Ал-Нусра. Ова се организации што со одлука на ОН се прогласени за терористички , а целта им е насилно да ја преземат власта во Сирија.

Сомнежите се дека Подбичанин и Мујовиќ, заедно со Плојовиќ и со Црновршанин од истомисленици во Србија, БиХ, Хрватска, Австрија Германија и Луксембург континуирано собирале пари и финансирале заминување на повеќе граѓани на Србија во други земји и кампови за терористички обуки во Сирија, а потоа и на боиштата.
Мујовиќ, исто така, се обвинува и дека јавно поттикнувал терористички напади, а на неговиот профил на „Фејсбук“ поставувал содржини со кои се глорификува ИСИЛ, со повици за самоубиствени напади во рашката област, Белград и во Рим.

Оваа група, според српските медиуми, се доведува во врска со таканаречената Балканска бригада, исламистичка група што дејствува во Сирија и во Ирак, која неодамна во дворот на српската амбасада во Дамаск фрлила заканувачка порака.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top