Прес канцеларијата на Обединетите нации вечерва информираше дека медијаторот Нимиц закажал нова рунда разговори за името која треба да се случи на крајот на месецот во Њујорк.
Според планот преговарачите и медијаторот ќе се сретнат на 29-ти и 30-ти јануари. Според кусото соопштение на ОН, посредникот во преговорите за спорот за името со амбасадорите Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис најпрвин ќе се сретне на одвоени средби по што ќе следува и заедничка средба во седиштето на светската организација.
На прес конференцијата одржана во Скопје во петокот по средбите со Грчките и Македонските највисоки претставници Нимиц најави дека ќе ги анализира сугестиите добиени во Скопје и Атина и дека ќе ги интензивира разговорите.
Медијатоторот според сите најави е во директен контакт и со претставници на ЕУ, а од неговиот извештај за напредокот во спорот за името ќе се води и Европската комисија која во наредниве месеци ќе работи на Јунскиот самит на ЕУ на кој треба да се реши дали Македонија ќе може да започне преговори за членство во ЕУ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


