| четврток, 6 декември 2018 |

„Бриџстон“ ја затвора фабриката во Италија

PL-2006-Bridgestone-Factory

Јапонскиот произведувач на гуми „Бриџстон“ извести дека следната година ќе ја затвори својата фабрика во јужна Италија поради падот на побарувачката во Европа.

Во фабриката се вработени околу 950 луѓе и е една од осумте што оваа компанија ги има во Европа, вклучувајќи ги и погоните во Шпанија, Франција, Полска иво  Унгарија. Погонот во Италија, кој се наоѓа во регионот на Бари и произведува гуми за патнички автомобили, се очекува да биде затворен во првата половина од 2014 година.

„Бриџстон“ објави дека е подготвен да почне преговори за да се најде најдобро решение за 950 вработени. Портпаролот во италијанската фабрика одбил да коментира какви мерки ќе бидат преземени, сè додека првите луѓе на компанијата не ги завршат разговорите со синдикатот.

– Одлуката ја донесовме по темелната анализа на сите можни алтернативи, од кои ниту една не беше изводлива – стои во соопштението на компанијата.

Побарувачката за автомобилските гуми во ЕУ, најверојатно, ќе се намали до 2020 година и ќе се задржи под нивото од 2011 година.

Нето-добивката на „Бриџстон“ во минатата година скокна за 67 проценти или на 1,83 милијарда долари, а тоа е благодарение на послабиот јен, продажбата на премиум гумите и подобрената побарувачка во Азија, но и на јапонскиот пазар, што беше доволно да се надокнади падот во Европа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top