| четврток, 6 декември 2018 |

Се разгорува полемиката за носење шамии во Чешка

Спорот за носењето шамии во Чешка, кој предизвика полемика во училиштата, сега се прошири и во болниците, каде што немаат единствени мислења за носење хиџаб, јави дописникот на МИА од Прага.

turcija

Како први се одзваа раководните луѓе од прашката болница Мотол, каде што на вработените им било забрането да носат шамии на главата, а тоа го поддржаа и повеќе други болници.

Од болниците наведуваат дека медицинскиот персонал не може да носи хиџаб, традиционална муслиманска шамија која ја покрива косата и вратот, од хигиенски и безбедносни причини.

Според портпаролката на Мотол, Павлина Данкова, внатрешните правила регулираат како ќе изгледа работната облека на вработените, а таму не е предвидена шамијата.

– Во Универзитетската болница во Брно (УББ) секој медицински работник задолжително користи заштитна опрема и меѓу нив не е шамијата – се согласува со прашките колеги портпаролката на УББ, Ана Мразкова.

Некои од болниците во Чешка сметаат дека носењето шамии е можно, но не на сите болнички одделенија.

Во медиумите и на социјалните мрежи се појавија и реакции на потенцијални пациенти кои однапред одбиваат да бидат третирани од медицинари кои носат шамија.

Спорот за носењето шамии се разгоре кон крајот на летото, кога Народната правобранителка Ана Шабатова ги поддржа двете муслимански девојки, на кои во училиште им забранија да носат хиџаб. Училиштето се повика на своите внатрешни правила, но омбудсманот укажа дека се работи за индиректна дискриминација.

Темата за муслиманските марами, но и верскиот екстремизам во најскоро време ќе биде разгледувана од парламентарната Комисија за безбедност.

Според истражувањата на Социолошкиот завод при Чешката академија на науките, две третини од Чесите се плашат од исламот и земјата е најмалку толерантна кон муслиманите во споредба со останатите европски земји.

Претседателот на државата, Милош Земан, исто така, е познат по своите некоректни изјави.

Една од нив е дека исламската идеологија е поврзана со насилство, како и дека ,,почетокот на носење шамии завршува со бурка”(вел што го покрива целото лице на жената). На последниот попис на чешките граѓани, помалку од 2.000 лица се изјасниле како муслимани.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top