Германскиот весник „Зидојче цајтунг“ во денешниот број пишува дека Косово и БиХ водат во регрутацијата на исламисти на Балканот. Според нивните информации, во војните на Блискиот Исток загинале повеќе од 40 борци од Косово и преку 30 исламисти од Босна. Весникот, исто така, пишува дека „како и во другите сиромашни балкански земја со висок степен на невработеност и на Косово расте влијанието на радикалните сили“ и дека според процените на косовските безбедносни служби и американската ЦИА на Блискиот Исток има 150 државјани на Косово, но и 140 Албанци од Албанија, 30 од Црна Гора и 20 од Македонија.
– Балканот, покрај западните земји со многубројно муслимански малцинство, како Франција, Белгија и Англија, стана една од главните области за регрутација во Европа на борци за Исламската држава и други радикални групи – пишува весникот наведувајќи ја како пример Босна, во која живеат 40 проценти муслимани.
„ЗиДојче цајтунг“, исто така, наведува дека босанската полиција пред неколку години проценила дека бројот на радикални исламисти е поголем од 3.000 луѓе, а на почетокот на септември безбедносните служби на БиХ соопштиле дека постојат индиции дека во Исламската држава во Сирија и Ирак има околу 340 босански исламисти. Повеќе од 30 загинале во борбите.
Укажувајќи дека на истите фронтови загинале и повеќе од 40 косовски Албанци, весникот пишува дека косовските власти во август и во септември уапсија околу дванаесет божемни ветерани на Исламската држава и агитатори, како и 15 исламисти, осомничени за тероризам, кршење на уставот и потпалување на религиозна омраза. Меѓу уапсените се и Фуад Рамиќ, водач на исламската партија Лисба, како и 12 имами, меѓу кои и приштинскиот имам Шефкет Красниќи. Акцијата имаше поддршка од американската влада. Сепак, некои набљудувачи на целиот случај гледаат со скепса затоа што „претседателот на косовската влада Хашим Тачи и неговата партија ДПК со години добро се разбираа со исламистите“.
Весникот, исто така, потсетува дека Апелацискиот суд на Косово донел одлука за ослободување на 11 од 15 уапсени и дека, исто така, и во Босна тие што претходно биле уапсени, веќе се ослободени.
Весникот, исто така, наведува дека претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, кон крајот на септември во својот говор во Обединетите нации ја повика Европската унија и НАТО што побрзо да и ги отворат вратите на земјата, затоа што во спротивно постои опасност радикалните исламисти да го исполнат „вакуумот“ на Балканот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.