„Идинината сега! Време е!“ е слоганот на СДСМ за претстојните локални избори, информира денеска на прес-конференција Игор Ивановски, шеф на партискиот изборен штаб.
– Ќе организираме бројни митинзи, карвани, трибини, средби и разговори, на кои нашите кандидати ќе ги претставуваат своите програми очи в очи со граѓаните и ќе понудат решенија за нивните проблеми. Но, на овие избори, гласот на секој граѓанин има двојна вредност. Граѓаните ќе гласаат еднаш, но ќе одлучуваат за промената на локалната и на централната власт – рече Ивановски.
Тој потсети дека СДСМ своите кандидати за градоначалници почна да ги промовира од јуни минатата година и, како што посочи, тие оттогаш ги формираа своите тимови, програми и се во постојан контакт со граѓаните.
– За време на „работното лето“, посетивме стотици населени места, имавме илјадници средби, дискусии со граѓаните. Теренските активности продолжија есента, со проектот „Врата до врата“, каде што изворно се запознавме со потребите на граѓаните на микрониво. Сугестиите и предлозите на граѓаните се основата на која се подготвени програмите на нашите кандидати за градоначалници – додаде Ивановски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.