Републичкиот совет за безбедност во неделата направи истражување во кое беа опфатени четири скопски општини, а за да се утврди колку возачите и сопатниците употребуват безбедносни појаси во автомобилите, односно кациги кај мотоциклистите.
Во рок од еден час во периодот од 13.30 до 14.30 часа биле набљудувани 2.266 патнички возила и 297 мотоцикли во Ѓорче Петров на раскрсницата кај бул.„Ѓорче Петров“ и ул. „Васил Чакаларов“, во Центар на бул.„Партизански одреди“ со бул.„Св.Климент Охридски“, Чаир на „Џон Кенеди“ со „Цветан Димов“.
Во Карпош се набљудувала раскрсницата меѓу булеварите „Илинден“ и „8 Септември“, во општина Гази Баба раскрсницата на „Александар Македонски“ со „16 Македонска бригада“, додека во Аеродром „Јане Сандански“ со „АСНОМ“.
Резултатите покажуваат дека најголем дел од возачите и совозачите кај патничките автомобили не употребувале безбедносни појаси.
Кај мотоциклите поголем е бројот на возачи кои употребуваат кацига, додека многу мал број од сопатниците на мотоциклите или мопедите ја користат истата.
Токму поради лошата сообраќајна култура, Владата презема сеопфатна кампања за безбедност во сообраќајот, која ја поддржаа голем број на институции и јавни личности.
Причината за отпочнување на кампањата е потребата за подигнување на јавната свест, укажување на значителната бројка на жртви и повредени во сообраќајни незгоди, како и потребата од превенирање и укажување на последиците од несaкани незгоди во сообраќајот.
Оваа кампања носи слоган „Почитувај го животот, почитувај ги правилата“ и се однесува и е насочена кон сите учесници во сообраќајот. Возачите, велосипедистите, пешаците.
За жал, податоците покажуваат дека на патиштата во Република Македонија секој втор ден згаснува по еден живот. Бројот на загинати во сообраќајни незгоди во 2013 година достигна 198 лица или 9 жртви на секои 100 илјади жители.
Централната порака на оваа кампања е ВОЗИ БЕЗБЕДНО СО ВРЗАН ПОЈАС! Таа се однесува на возачите на автомобили, камиони, автобуси, кои претставуваат процентуално најголем учесник во сообраќајот. Неврзувањето на појас е една од главните причини за настанување на тешки телесни повреди на возачите или пак повреди кои носат во смрт.
Секој учесник во сообраќајот мора да биде информиран дека светските практики покажуваат дека шансите да загинете во судир се двојно поголеми ако не носите безбедносен појас! Возачите и патниците на возраст од 17 до 34 години имаат најниска стапка на врзување појас во комбинација со највисока стапка на несреќи. Тоа значи дека многу млади животи згаснуваат како резултат на слабата сообраќајна свест.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.