
За да ги неутрализира заканите за преземање на партијата од струшкиот градоначалник Зијадин Села, лидерот на ДПА Мендух Тачи одлучи наместо во декември, шестиот партиски Конгрес да го одржи за нешто повеќе од една недела, односно на 12 октомври. Иако официјалното образложение е дека причина за забрзување на конгресот се политичката дестабилизација, можноста за предвремени избори, застојот на евроатлантските интеграции како и бојкотот на Собранието во политичките кругови се’ повеќе се шпекулира дека на овој начин Тачи сака да го пресретне Села во обидите да направи паралелен партиски конгрес.
„Одлуката за да се одржи на 12 октомври се донесе поради сериозни причини, поради актуелноста на политичкиот миг. Имаме застој во интеграциите, Самит на НАТО од каде што Македонија не доби покана. Но, важно е и тоа дека на ДПА и’ се потребни легитимни органи што ќе се конституираат на конгресот. Исто така во Македонија политичката состојба е нестабилна, па не би било изненадување да има и предвремени избори. Затоа и ни требаат легитимни органи кои ќе бидат подготвени за предизвиците кои следуваат“, изјави Орхан Ибрахими од ДПА, кој го води партиското тело задолжено за организација на Конгресот на кој, барем според најавите, треба да учествуваат 683 делегати. На конгресот, според најавите, ќе биде на испит функцијата на Тачи како претседател на партијата, а ќе се избира и најтесното партиско раководство.
На одлуката за свикување Конгрес се спротивставува Зијадин Села, иницијатор на движењето за реформи во ДПА. Тој вели дека Мендух Тачи и неговите соработници не го почитувале статутот на партијата, со што конгресот на партијата го претвораат во приватна забава. Тој најавува тужба против лидерот на ДПА Мендух Тачи и Орхан Ибраими за кои тврди дека не ги почитуваат одредбите од партискиот Статут.
„Ова е приватна забава. Тачи манипулира со партискиот Статут, но и со неколкумина партиски членови кои се околу него со кои за дневни потреби закажува партиски конгрес. Има многу недоследности во целиот овој процес поради што ќе поднесам судска тужба. Нема логика да учествувам на конгрес кој тие го организираат поради страв дека ќе ги изгубат партиските позиции што ги имаат“, изјави Села.
Извор: Утрински весник
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Села ќе бара интервенции во Уставот: Во пасошите да стои Албанци/граѓани на Северна Македонија
-
Се бара оставка од Филипче – Алијансата на Албанците незадоволна од работата на министерот за здравство
-
Двајца обвинети за насилство кон Села признаа вина
-
Прекинато судењето за Села: Се онесвести еден од обвинетите


