| четврток, 6 декември 2018 |

Кина избира ново раководство

102906486
Во Пекинг денеска почна 12-тата седница на Генералното собрание на народните претставници на којa 3.000 члена на кинескиот парламент треба да го потврдат официјално изборот на новото раководство на земјата.

Премиерот Вен Џиабао на почетокот од седницата поднесе извештај за работата на Владата. Тој последните пет години ги оцени како исклучителен период, наведувајќи ги успесите од областа на истражувањето на вселената и електрониката, и постави економски цели.

Новите лидери на Кина треба да останат на функциите во следните пет години. Генералниот секретар на Комунистичката партија на Кина, Кси Џинпинг (59), треба да биде избран официјално за претседател на Републиката, односно да го наследи актуелниот шеф на државата Ху Џинтао. Ли Кегијанг ќе биде избран за наследник на премиерот Џиабао.

Премиерот во говорот за работата на Владата истакна дека лидерите нема веќе да се залагаат за раст по секоја цена и дека приоритет ќе имаат социјалните програми. Тој истакна дека новото кинеско раководство ќе води „внимателна монетарна политика“ и за годинава предвиде раст од 7,5 проценти и инфлација од 3,5 проценти. Тој најави дека буџетот на одбраната ќе биде зголемен за 10,7 проценти.

Вен посочи дека Кина се соочува, од една страна, со економски развој, а, од друга страна, со животната средина и природните ресурси, додавајќи дека новото раководство  ќе се залага за промоција на „зелен развој“.

Премиерот во заминување не ја спомна евентуалната промена на политиката на едно дете и покрај стареењето на населението, и порача дека Владата ќе ја продолжи политиката за планирање на семејството.

На конгресот во текот на десет дена ќе се усвојуваат мерки за кои претходно одлука донела партијата. Седницата завршува на 17 март кога Ли ќе одржи прес-конференција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top