
Откупувачите се подготвени да ги преземат договорените количини тутун, потврдија денеска на средба со производителите и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков.
Колку ќе тежи родот се уште не се знае зашто бербата е во тек. Рано е, беше речено, да се зборува и за цената.
– Годинава очекуваме 25 милиони килограми тутун или околу 17 проценти помалку од ланските 31 милион. Квалитетот е послаб поради неповолните временски услови, но верувам дека при откупот ќе се испочитува Правилникот за проценка – изјави претседателот на Сојузот на здруженијата на тутунарите Данчо Милески.
И според министерот Цветков, засега не може да се каже колкави ќе бидат приносите. Извесно е само дека претпријатијата ќе ги откупат договорените количини.
– Владата на синоќешната седница донесе измени на Законот за тутун кои предвидуваат од идната година да се воведе електронско евидентирање на површините и откупените количини. Така, во секој момент ќе знаеме колкаво е производството – истакна Цветков.
Тутунарите уште еднаш ја поздравија поддршката од државата и изразија задоволство што земаат најголеми субвенции во регионот, 60 денари за килограм.
– За разлика од нас, грчките производители земаат само 20 денари – посочи Милески.
Денешната средба во Министерството за земјоделство беше една од најавените редовни пред претстојниот откуп што законски почнува најдоцна до 15 декември.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


