Со кампањата „За хуманоста да стане навика“ Натусана Македонија го одбележува својот 10 годишен јубилеј. Тримесечната кампања се состои од собирање средства наменети за уредување на Дневниот центар за деца со аутизам во Скопје. По тој повод разговаравме со Александар Донев, генерален менаџер на Натусана.
Донев од каде идејата за да организирате хуманитарна акција?
Александар Донев: Натусана Македонија сака активно да го оправда епитетот на општествено одговорна компанија. Идејата потекнува и од фактот што најважниот сегмент од нашиот јубилеј е токму благодарноста кон средината која имаше доблест да ни ја подари својата доверба и да го препознае светскиот квалитет на производите на Др.Тајс Натурварен. Размислувајќи за најоптималниот начин да ја изразиме својата благодарност, а во согласност со нашето мото – здрава навика – решивме радоста да ја подариме а задоволството да го поделиме. Во акцијата ги вклучуваме и граѓаните, со надеж дека ќе придонесеме хуманитарноста да стане навика на бројни генерации.
Зошто го одбравте Дневниот центар за деца со аутизам Скопје за да донирате?
Александар Донев: Дневниот центар за деца со аутизам e едно од местата кон каде треба да се свртат нашите погледи. Многу малку знаеме за потребите на овој центар а уште помалку за благородната функцијата што ја извршува. Во потрага по место каде што ќе биде насочена донацијата го избравме токму овој центар затоа што потребата тука навистина постои, иако наше убедување е дека во свет како денешниот зад секој ќош има некој што има потреба од некаква помош, но нашата одлука сепак беше тука.
Што ќе се донира во Дневниот центар, што им е потребно на вработените како реквизити кои ќе бидат наменети за децата кои престојуваат?
Александар Донев: Донацијата ќе се состои од реквизити за децата кои ќе им бидат потребни за време на престојот во дневниот центар, како и уредување на нивното ново катче.
Како можат да се вклучат сите граѓани во акцијата?
Александар Донев:Граѓаните можат да учествуваат со купување на некој од производите од Мултивитамол или Лакалут детската линија во било која од аптеките ширум земјава. Дел од средствата од продажбата на овие производи ќе биде приклучен кон останатата сума која ќе се донира за потребите на Центарот.
Во колку фази ќе биде кампањата и колку време ќе трае кампањата?
Александар Донев: Кампањата веќе тече, активностите се одвиваат а планирано да во почетокот на октомври, односно првата декада да го доставиме првиот дел од донацијата односно средствата што ги издвојуваме како компанија. Втората фаза ќе биде и финализирањето, односно на 20 ноември, по повод Интернационалниот ден на детето ќе се одржи втората донација во Дневниот центар, средства собрани од продажбата на производите Мултивитамол витамините и Лакалут детската линија за орална хигиена.
Зошто се решивте за вашиот 10 годишен јубилеј да го одбележите со хуманитарна акција?
Александар Донев: Пред се нашето мото е „10 години здрава навика“ и произлезено од она што е наша мисија, односно користењето на квалитетни грижливо селектирани природни производи на дневна основа да ни стане навика на сите, па токму во таа насока е и оваа кампања, споделувањето и филантропството да ни стане секојдневна дури и несвесна навика. Целата наша филозофија започнувајќи од нашите производи и состојките што ги користиме се базира врз несебично споделување, преку едукација и пренесување на корисни совети. Токму затоа, за да ја продолжиме нашата мисија и да го покажеме со дело она што го имаме како корпоративна идеологија одлучивме средствата кои би ги потрошиле за прослава, да ги насочиме во добротворни цели и да бидат навистина со потреба потрошени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.