| четврток, 6 декември 2018 |

Честитка од премиерот Груевски по повод денот на Бошњаците

Премиерот Никола Груевски денеска упати честитка до припадниците на Бошњачката заедница во Република Македонија по повод Меѓународниот ден на Бошњаците.

– Од име на Владата на Република Македонија, како и од мое лично име, дозволете ми да ви пренесам искрени честитки и желби за мир, благосостојба и просперитет на вас и вашите најблиски по повод 28 септември, Меѓународниот ден на Бошњаците, се вели во честитката.

Континуитетот на одбележување на ваквите празници, како што е наведено, уште еднаш ја потврдува природата на нашето општество како култура на толерантни, инклузивни и добронамерни луѓе, кои на верската и етничката разноликост гледаат како на придобивка и вредност, како и можност за зближување на граѓаните и единство.

– Силно почитувајќи ја вашата посебност и идентитет, дозволете ми да ве поздравам и да ви посакам радосни празнични денови. Меѓусебното почитување и вредностите што ги негуваме претставуваат одлична основа за заеднички ангажман на сите човечки ресурси со кои располага нашата држава. Успехот на поединецот е успех и на државата, а заедничките
успеси гарантираат континуиран развој, стабилна, напредна и просперитетна Република Македонија, како наш заеднички дом, како дом на нашите деца и на сите идни генерации, стои во четситката од претседателот на Владата.
Владата останува посветена на развојот кој треба да донесе заеднички успех и напредок на сите граѓани.

– Единството е тоа кое создава услови тој напредок да е реален и остварлив, а припадниците на бошњачката етничка заедница подеднакво придонесуваат и се составен дел од тие заеднички напори, вели Груевски во честитката до Бошњачката етничка заедница.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top