| четврток, 6 декември 2018 |

Во овие 100 дена влада земјоделците добија календар за субвенции, легализација на механизација, помош за руралните средини

DSC_1598Во отчетот по повод 100-те дена влада, во делот за земјоделството, премиерот Никола Груевски подвлече дека во првите 100 дена на Владата успешно заврши аплицирањето на средствата за субвенции по мерките за директни плаќања за што барања поднеле 74.000 корисници и дел по дел тие се исплаќаат.

– Почнувајќи од оваа година земјоделците ги добиваат субвенциите по однапред утврден календар, со кој е определена стрикна динамика на аплицирање и рокови за исплата на субвенции. Времето за исплата на субвенциите е усогласено според потребите на земјоделците за финансирање на земјоделските активности зависно од карактеристиките на земјоделското производство. Досега според овој календар се исплатени тутунарите во износ од 26,5 милиони евра, а во периодот септември – октомври, односно пред и завреме на есенската сеидба следува исплатата на полјоделските култури, подвлече Груевски.

На барање на земјоделските здруженија, како што посочи, продолжен е и рокот за поднесување барања за легализација на земјоделската механизација.

Реализирани и во финална фаза на реализација се инвестиции во инфраструктурата на македонското село. Реализирани се 14 проекти за изградба на локална патна инфраструктура и инвестиции во водоснабдителни и канализациски системи, 10 проекти за подобрување на квалитетот на живот во рурални средини и шест проекти за унапредување на традиционалните вредности во руралните подрачја.

– Привршува изградбата на системот за наводнување на Маркова река – Куклиш со кој се обезбедува наводнување на околу нови 400 хектари земјоделско земјиште. Почнува изградбата на пристапен пат каде ќе се гради браната Речани на Оризарска река со придружни објекти и акомулација со која ќе се реши проблемот во водоснабдување на општините Виница, Кочани и Чешиново – Облешево и ќе се овоможи наводнување на 1.500 хектари нови површини земјоделско земјиште, рече Груевски.

Тој посочи дека е завршена тендерската постапка за чистење на 143 километри каналска мрежа со која ќе се превенираат ситуации на поплавување на земјоделските и неземјоделските површини. Активностите ќе се реализираат во средината на октомври. Во тек е и тендерска постапка за избор на изведувач на браната Коњско, како една од најголемите капитални инвестиции за следниот период и обезбедени се услови за почнување навремена експропријација за изградба на хидросистемот Равен-Речица.

– Во овој период, а со цел континуирано и долгорочно инвестирање во инфраструктурата за наводнување и одводнување во Република Македонија подготвен е и во фаза на регионални јавни расправи е планот за инвестирање во водостопанската инфраструктура во периодот 2015  – 2025 година. Овој план со кој се планираат да се инвестираат по 20 милиони евра секоја година ги содржи сите предвидени инвестиции во водостопанството, кој треба да резултираат со зголемување на наводнуваните површини на долг рок за нови 24.350 хектари и преку тоа зголемување на приносите на производството, истакна премиерот Никола Груевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top