| четврток, 6 декември 2018 |

Софтвери за шпионирање во БиХ

spijunaza

Ако тие софтвери разузнувачката служба ги користи за шпионирање на граѓаните, тоа е апсолутно неприфатливо и незаконски.

По откритието на Викиликс дека безбедносните служби на неколку држави, вклучувајќи ја Босна и Херцеговина, купиле контроверзен софтвер за онлајн надгледување кој го произведува германската компанија ФинФишер, покрената е дебата за начинот на кој се користи оваа технологија како и тоа кого тие влади всушност шпионираат.

Како што наведува Викиликс, Разузнувачко-безбедносната агенција ОСА во БиХ платила 400.000 евра за софтвери ФиФлај УСБ и ФинСпај, кои се користат за скенирање и пресретнување на повици и пренос на податоци од компјутер или телефон, вклучувајќи повици преку Скајп, пораки, меилови или разговори преку чет клиенти. Степенот на опасноста од ваквата технологија зависи од функционирањето на општеството, смета Енес Османчевиќ, новинар и професор на Филозофскиот факултет во Тузла.

Тој смета дека постои реална закана софтверите за прислушкување, наместо за борба со криминалот, да се користат за борба против неистомислениците.

Додава дека во случајот со БиХ, сосема е можно таа технологија да се користи на погрешен начин.

– Сите разузнувачки служби користат некој вид технологија за следење. Меѓутоа, дали ќе квалификуваме дека тоа е нарушување на приватноста, зависи од функционирањето на правниот систем и општествената контрола над тие разузнувачки агенции, т.е. на тие кои можат да вршат прислушкување.

a-gardijan-spiunaza

Луѓе кои не се по волја на власта

– Ние немаме општествена контрола, парламентарна и граѓанска контрола над работата на разузнувачките служби. Така во случајот со БиХ можно е, наместо таа технологија да се користи за следење на криминалци, криминални и терористички активности, шверц и трговија со луѓе, таа да се користи за прислушкување на луѓе кои можат да се означат за лидери на јавното мислење или на луѓе кои не се по волја на власта – наведе тој.

Тој додава дека тоа можат да бидат луѓе од невладиниот сектор, новинари, како и припадници на политички партии кои се конкуренти на владејачките структури.

– Значи, се поставува прашањето, како власта која не работи на законски основи и не работи транспаретно и јавно, ќе ја користи таа технологија – заклучува Османчевиќ.

Мехмед Халиловиќ, новинар и поранешен омбудсман за медиумите во ФБиХ вели дека користењето на софтвери за шпионирање на граѓаните е незаконско и претставува кршење на правата на приватност. – Ако тие софтвери разузнувачката служба ги користи за шпионирање на граѓаните тоа е апсолутно неприфатливо и незаконски – смета Халиловиќ.

– Меѓутоа, единствено во случај ако тие служби добијат налог исклучиво од судот за следње на одредени лица кои се закана за безбедноста, тогаш може да се оправда користењето на тие алатки – додаде тој.

Софтверот го користел и Мубарак

Како што може да се види од документацијата на Викиликс, ОСА во 2013 година во март потпишала договори за софтвери ФинФлај УСБ и ФинСпај кои чинат околу 206.000 евра. Наведено е дека за ФинФлај УСБ се потрошени 4.620 евра, а за основната лиценца за ФинСпај, за два агента и десет цели за следење 202.000 евра.

Податоците ги собра анонимен хакер, влегувајќи во базата ФинФишер во август, а таа германска компанија не сакаше да се огласи по повод овој случај.

Викиликс тврди дека меѓу клиентите на овие фирми се безбедносни или полициски служби на Австралија, Бахреин, Бангладеш, Белгија, Босна и Херцеговина, Естонија, Унгарија, Италија, Монголија, Нигерија, Холандија, Пакистан, Сингапур, Словачка, Катар, Јужна Африка и Виетнам.

– Овие податоци заедницата треба да ги користи за да направи алати за заштита на луѓето од ваков софтвер. ФинФишер продолжува без проблеми да работи во Германија и ваквиот малвер, кој може да се користи како оружје се продава и во најлошите режими во светот – наведе во соопштението основачот на Викиликс Јулиан Асанж.

За овој софтвер за шпионирање во јавноста прв пат се збореше во 2011 година, кога демонстрантите во Египет открија документација која упатува на тоа дека го користел тогашниот претседател Хосни Мубарак.

ФинФишер наведе дека неговите производи се иновативни сајбер алатки за извлекување на податоци, како и дека ги продава само на владини агенции. Од компанијата тврдат дека нивниот софтвер не може да се користи за масовен надзор, туку само за следење на поединци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top