| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов во Генералното собрание на ОН повика на почитување на пресудата за Македонија

ivanov

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов синоќа во своето обраќање пред Генералното собрание на Обединетите нации, ја повика Европската Унија да не остави празен простор на Балканот и да го продолжи интегрирањето, вклучително и Република Македонија. Претседателот Иванов воедно повика на почитување на меѓународното право во спорот што Грција и го наметнува на Македонија, велејќи дека пресудата на Меѓународниот суд на правдата треба да важи за сите засегнати страни и сите држави, односно, како што Грците сакаат да кажат, „erga omnes”.

– Нашиот јужен сосед продолжува од ден на ден да го крши меѓународното право. Продолжува со непочитувањето на резолуциите на Обединетите нации од 1993 година и Времената спогодба од 1995 година. Продолжува да ја игнорира пресудата на највисокиот правен авторитет во светот. Пресудата не важи само за државата што нè блокира. Пресудата важи erga omnes, за сите држави-членки на меѓународните организации во кои и натаму сме блокирани. Со секоја блокада во нашите европски и евроатлантски интеграции, се поткопува меѓународниот правен поредок. Со толерирањето на блокадите се создава опасен преседан. Преседан за меѓусебно блокирање и уценување мотивирано од тесно-државни интереси, на сметка на колективните интереси на Европската унија и НАТО, истакна претседателот Иванов во обраќањето пред Генералното Собрание на ОН.

Пред шефовите на делегациите на државите од светот, претседателот Иванов го спореди евро-атлантското интегрирање на Балканот со светилник кој ги насочува државите кон заедничка цел. Иванов предупреди на опасност доколку тој светилник згасне, и се загуби европската перспектива на Балканот, што произлезе од изјавата на идниот претседател на Европската Комисија Жан Клод Јункер дека во следните пет години нема да има проширување на Унијата.

– Со политиката на проширување, Европската унија долго време беше светилник што го осветлуваше патот на државите од Источна и Југоисточна Европа кон напредното европско семејство. Неодамна бевме известени дека во наредните пет години, тој светилник привремено нема да работи. А кога не работи светилникот, постои опасност да се случи бродолом. Нашиот регион на Југоисточна Европа е се уште ранлив, а бурата не е далеку. Сакам да пратам порака до партнерите во Европската унија. Одлагајќи го проширувањето, Унијата создава вакуум во историски најпорозниот геополитички простор. А сите знаеме дека не постои вакуум во геополитичкиот простор. Порано или подоцна, вакуумот се стреми да биде пополнет. Затоа, неопходно ни е час поскоро да ги интегрирате сите земји од Западен Балкан во ЕУ, рече претседателот, кој се обрати и до балканските држави, повикувајќи ги да ги примениме искуствата од помирувањето на европските држави по Втората светска војна, за да создадеме европеизиран Балкан.

Неговите пораки беа во согласност со обраќањето пред Советот за безбедност, којшто во средата го свика претседателот на САД Барак Обама, и кога претседателот Иванов го посочи интегрирањето на Македонија во НАТО и во Европската Унија како најзначаен придонес кој можеме да се даде за стабилизирање на балканскиот регион, додека светот се соочува со опасноста од тероризмот.

Во синоќешното обраќање пред ГС на ОН, претседателот Иванов се осврна и на ширењето на терористичката закана низ Блискиот Исток.

– Неодамна на шестиот Форум на Алијансата на цивилизациите на ОН се зборуваше за единство во различностите. Но, додека светот зборува за единство во различностите, радикални екстремисти се единствени во намерата да ги уништат различните. Додека зборуваме, милиони искрени верници низ светот ја чувствуваат болката што им ја нанесуваат поединците и групите со затворени умови задоени со религиски фундаментализам. Додека зборуваме, се спроведува систематско уништување на поединци и заедници. Додека зборуваме, стотици илјади се прогонети. Нивните домови се опустошени, нивните светилишта се уништени, нивното минато е избришано, а нивната иднина е доведена во прашање, изјави Иванов.

Шефот на македонската држава повика на обнова на светскиот поредок, разнишан од терористичките напади на 11 септември 2001 година и последиците кои произлегоа по нив, како и од економската криза од 2008 година, преку возобновување на меѓународниот правен поредок. Во тој контекст, претседателот Иванов потсети дека при обраќањето во Генералното собрание во 2012 година, првиот ваков собир по Хашката пресуда во случајот што Македонија го покрена против Грција, во исто време се одржуваше состанок на ОН за владеење на правото, меѓу другото и за почитување и спроведување на пресудите на меѓународните судски тела.

– Оттогаш минаа две години, и ние се уште дебатираме. Се уште чекаме да се испочитува пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Непочитувањето на врвните правни авторитети укажува на ерозија на културата на почитување на меѓународното право во светот. Ерозијата го суспендира владеењето на правото и остава простор за анархичност, заклучи претседателот Иванов.

Согласно темата на годинашното Генерално собрание, во рамките на кое генералниот секретар Бан Ки-мун свика и климатски самит, претседателот Иванов посвети дел од своето обраќање на прашањето на климатските промени и предупреди на нарушениот баланс меѓу економскиот развој и уништувањето на здравата животна средина за идните генерации. Претседателот потсети дека и Балканот во текот на годинава беше соочен со екстремни климатски настани и укажа на тоа што Македонија го прави на овој план.

– Република Македонија е првата земја од нашиот регион која го комплетираше Третиот национален извештај според Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени. Ние веќе ги одредивме идните чекори во сите клучни сектори во економијата и во општеството, на национално и на локално ниво за намалување на ризиците од катастрофи и за адаптација кон климатските промени. Тоа го правиме со стратегии и напори за намалување на емисијата на стакленички гасови и со зголемување на енергетската ефикасност, изјави македонскиот претседател Ѓорге Иванов во обраќањето пред Генералното собрание на ОН.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top