
Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов на маргините на 69. Генерално Собрание на ОН оствари средби со претседатели на повеќе држави.
Како што соопшти Кабинетот на претседателот, Иванов се сретна со полскиот претседател Бронислав Коморовски. Двајцата соговорници констатираа дека односите меѓу двете земји се пријателски, без отворени прашања, и со плодна соработка во сите сфери од заеднички интерес.
Претседателот Иванов го реафирмираше интересот за развој и унапредување на економската соработка во контекст на зголемени контакти на бизнис заедниците и граѓаните на двете земји, како и за интензивирање на соработка во областа на образованието и културата.
Иванов искажа задоволство од континуираниот политички дијалог, и воедно изрази благодарност за отворената поддршка од Полска во однос на евроатлански пат на Македонија, додавајќи дека очекува таа да продолжи и во иднина.
Македонскиот претседател апелираше за почетокот на преговорите со Македонија да биде на дневен ред на декемвриските состаноци на Советот на ЕУ со цел да се донесе одамна заслужената и долгоочекувана одлука за нашата држава.
– Во контекст на НАТО, РМ бара почитување на меѓународното право, меѓународните договори и пресудата на МСП, и во таа насока очекува поддршка од Полска. Ширењето на зоната на слобода и стабилност во регионот на Балканот, особено денес, кога сите земји се соочуваат со сериозни закани и предизвици, е придобивка и за Алијансата и за нашиот регион нагласи Иванов, додавајќи дека во контекст на ЕУ, очекуваме и во нашиот случај да се применат позитивните примери од регионот, на паралелно движење во интеграцијата и надминувањето на билатералните прашања.
Претседателот Коморовски истакна дека Македонија може во Полска да гледа како на земја партнер и поддржувач во однос на нашите севкупни евро-атлантски интегративни процеси, дополнувајќи дека процесот на проширување на ЕУ и НАТО мора да продолжи со државите од западен балкан. Претседателот Иванов упати честитки за изборот на полскиот премиер, Доналд Туск за Претседател на Европскиот Совет. Двајцата соговорници разменија мислења и за актуелните случувања во Украина. Претседателот Иванов истакна дека Македонија се залага за деескалација на тензиите, и ги поддржува сите напори за мирно решавање на кризата.
Иванов на маргините на Генералното собрание, оствари прва средба со новоизбраниот претседател на Република Словачка Андреј Киска
На средбата, како што информираат од Кабинетот на претседателот, беа потврдени добрите билатералните односи и континуираниот политички дијалог помеѓу Република Македонија и Словачката Република, засновани на долги традиционални врски на пријателство и меѓусебно разбирање.
Соговорниците констатираа дека меѓусебната билатерална соработка континуирано се продлабочува, но дека истовремено постои голем неискористен потенцијал за поинтензивна соработка во голем број области од заемен интерес, а особено на полето на економијата, инвестициите, образованието, културата и туризмот.
Претседателот Иванов го информираше соговорникот за состојбата со реализацијата на нашите стратешки цели, членството во ЕУ и НАТО, како и за процесот кој се води во рамките на ОН за надминување на билатералната разлика со Грција.
Претседателот Киска истакна дека Словачка како и досега ќе продолжи со поддршката на стратешките цели на РМ, нагласувајќи дека ги подржуваат позитивните примери на паралелно движење во интеграцијата во ЕУ и надминувањето на билатералните проблеми во Западен Балкан.
На средбата беа разменети мислења и информации за состојбите во регионот на Балканот, а претседателот Иванов упати отворена покана кон својот колега за реализација на официјална посета на Македонија.
Прва средба на ниво на претседатели во 20-годишните дипломатски односи, претседателот Иванов оствари со својот колега од Арапската Република Египет Абдел Фатах ел-Сиси.
Двајцата претседатели изразија подготвеност за натамошното зајакнување на севкупните односи меѓу Република Македонија и Арапската Република Египет, а како прв чекор во таа насока, беше договорено во наредниот период да се зајакнат политичките контакти на сите нивоа.
Претседателот Иванов ја прифати поканата за негова посета на Египет.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Претседателот Иванов на Климатскиот самит во Катовице
-
Кабинет на Иванов: Вистината боли, дотолку повеќе што раководството на СДСМ е свесно за предавството коешто го нуди на македонскиот народ
-
Кабинет на Иванов: Владата самата да се запраша зошто е исвиркана
-
Претседателот Иванов со порака до граѓаните: На Илинден сите дојдете на Мечкин Камен во Крушево


