Жена-пилот од Обединети Арапски Емирати (ОАЕ) ја предводела воената ескадрила којашто учествувала во првите воздушни напади што ги покренаа САД и нивните сунитски арапски сојузници во борбата против џихадистите од Исламската држава во Сирија, изјавил за АФП неименуван функционер од Емиратите.
Командантката Мариам ал Мансури „не само што пилотираше со борбен авион, туку и ја предводеше ескадрилата“ на воздухопловните сили на Обединети Арапски Емирати којашто учествуваше во воените напади во вторникот, истакнал соговорникот на агенцијата.
Властите на ОАЕ официјално ниту ја потврдија ниту ја демантираа информацијата. Инаку, 35- годишната Ал Мансури е првата жена од оваа земја што пилотира со борбен авион. Таа во 2007 година дипломирала на школата за воени пилоти „Калиф бин Заед“.
Нејзиниот ангажман во воените воени напади брзо се проширил на „Твитер“, каде што многу корисници изразуваат одушевување и почит за Ал Мансуири. На ретките фотографии таа ја носи традиционалната шамија преку главата, вообичаена за жените во муслиманскиот свет.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



