Заедничко танцување, познато како флешмоб, на секој плоштад и во секој град во земјава, каде што има канцеларија на Црвениот крст на Македонија, ќе се случи в сабота, 12 часот како финале на одбележувањето на Неделата на промоција на хумани вредности (21 – 27 септември).
За таа цел, подготвена е и кореографија на песната „Happy“ од Фарел Вилијамс, од страна на професионален танчар. Волонтерите од општинските организации на територија на градот Скопје ќе танцуваат заедно на плоштадот „Македонија“, пред Ристиќиевата палата.
– Целта е преку танцувањето младинците да испратат порака за разновидноста на културите и толеранцијата, дијалогот и соработката, заемната доверба и разбирањето, како најдобри гаранции за мирот и соживотот, а ние како претставници на Црвен крст имаме одговорност да дејствуваме – велат организаторите.
Во рамките на Националната програма на Црвен крст на Р.Македонија, Црвен крст во акција-промоција на хумани вредности (ЦКА-ПХВ), која веќе 17 години се спроведува во Македонија, младите учат за културата како систем на вредности, за културата на дијалог како основен предуслов за градење на интеркултурно опшество, и при тоа се поттикнати да бидат активни и да изработуваат мали проекти за доброто на заедницата.
Секоја година, покрај обуката за дисеминација, 1200 младинци од цела Македонија на возраст од 14 до 18 години добиваат и обука како да изработуваат мали проекти за доброто на своите заедници. Оваа година, од страна на младинците учесници во ПХВ циклусот 2013-2014, изработени се рекордни 210 мали проекти, преку кои им е директно помогнато на 4055 лица.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.