Кога знаеш дека дошла есен во Скопје? Кога улица „Македонија“ ќе замириса на печени костени. Кога пред „Пелистер“ веќе се вртат на жар тетовски костени, големи, крупни и „ти се смеат“. Те мамат да ги купиш. Просто, мирисот ти ги скокотка ноздрите и не можеш да одолееш да поминеш а да не купиш. Макар еден грст.
Порано ги продаваа завиткани во весник. Ќе кажеш за колу пари сакаш, толку ќе ти измерат и ќе ти ги завиткаат во весник. Ќе ги измерат на вагите со мали тасови – за грамови, и така уште жешки ти ги подаваат во фишек направен од стар весник. Денес за печените костени има хартиени ќесиња.
Ама денес има сѐ и сешто на скопскиот плоштад – од пукани, преку крофни, до сладолед и сокчиња. Но, тезгињата со костените уште стојат на старото место – пред влезот во Градскиот трговски центар, на излезот од ГТЦ пред Стопанска банка и пред „Пелистер“. Во еден период, во времето на моето студирање, секоја среда имаше попуст 50 проценти в кино. И кога ќе дојдеше есен, кино, костени и лименка „скопско“ пиво – беа ритуал секоја среда, додека не падне снег. Со врелите костени и лименката пиво одиш на кеј да ги гледаш егзибициите на скејтерите. Тогаш беа во зачеток.
Костените се јадат печени и варени. Ако ги печете дома, на шпорет, ризикувате цел стан да ви мириса, ама, пак, вкусни се. Само ќе ги засечете на една стана, вклучете две рингли и паралелно можете да ги печете и потоа да им се сладите. Ако убаво ги испечете, а не да ги загорите, убаво ќе се лупат. Затоа, кога ги печете дома, прво загрејте ја ринглата убаво, па намалете ја температурата.
Варените костени се многу полесни за готвење. Измијте ги убаво и ставете ги во длабок сад полн со вода за да се варат. Најчесто им треба еден час. Е потоа се малку здодевни за лупење, посебно ако сте нестрпливи, а ви се јаде. Затоа, најдобра варијанта е костен-пире или, како што скопјани милуваат да го кажат „кестен-пире“. Лесно е за приготвување, го има во повеќе варијанти, со шлаг, без шлаг, со рум, со млеко, со слатка павлака. Ова што го предлагам е сосема обично, ама многу вкусно. Откако со гмечалка ќе ги иситните варените костени, полејте ги со чоколаден прелив, направен дома. Многу е едноставен, со темна чоколада, путер, шеќер, рум или каков било друг ликер, ванилин шеќер.
Во еден период на експанзија на слаткарници во Скопје, кога почнаа да се продаваат секакви колачиња, костен-пире се правеше и до ден денес се прави само и исклучително во слаткарницата „Крин“. Порано се наоѓаа на првиот кат во ГТЦ, а со години наназад е сместена спроти гимназијата „Јосип Броз – Тито“. Костен-пирето и житото се ретки автентични марки на оваа слаткарница…
Пире од костени со прелив од чоколада
Состојки:
400 грама варени и исчистени костени
100 грама шеќер
150 грама чоколада
1 лажица путер
1 пакетче ванилин шеќер
1 дл рум
Подготовка:
Костените се гмечат и со пирето се полнат чаши или, пак, пирето се става во длабока стаклена чинија. Потоа пирето се прелева со чколадниот прелив и се лади во фрижидер.
Приготвување на преливот
Шеќерот се вари со малку вода за да се добие густ шербет (да се влечат конци). Во густиот шербет се додаваат чоколадата, путерот, пакетчето ванилин шеќер и румот. На крај добро се промешува и уште топол се прелева врз пирето од костени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.