Слободните финансиски зони, како оние во Луксембург или Дубаи денеска се едни од најпосакуваните дестинации за мултинационалните компании кои своите седишта ги воспоставуваат токму во нив, како и за глобалните финансиски институции, но и за многу „млади“ компании кои забрзано растат, анализира Лидер.мк.
Она што ги карактеризира се поволните даночни стапки и услови за работа кои се совршени за големите играчи на светскиот пазар да можат да функционираат од една локација на повеќе дестинации.
Како Луксембург стана финансиски центар на Европа?
Во срцето на Европа, Луксембург е финансиски центар од светска класа, европско средиште на мултинационални компании, водечки банкарски центар во еврозоната и втор по големина во светот центар на инвестициските фондови. Заради својата стабилност, иновативност и интернационална ориентација, финансискиот центар во Луксембург денеска е идеалното собиралиште на приватните и институционалните инвеститори од целиот свет.
Како земја која од пред 20 години беше насочена да стане центар на приватното банкарство, после низа активности, мерки, прилагодувања на пазарот, Луксембург денеска прерасна во финансиски центар за инвестициските фондови кој е диверзифициран на многу начини. Неговата успешност се темели на стабилноста во реформите и модерната правна и регулаторна рамка која константно се надоградува, благодарение на разбирањето и дијалогот помеѓу властите и приватниот сектор.
Овој финансиски центар се карактеризира со силна култура на заштита на инветиторите и ригорозни политики против перењето пари. Тимовите кои работат на ова, пак се мултијазични и мултикултурни со долга традиција на финансиска експертиза и знаење во корист на интернационалната клиентела. Поради ова денес, многу инвеститори од земји од секоја страна на светот ги прифатија принципите за слободно движење на капиталот на Луксембург и ги применија врз сопствениот менаџмент.
Она што ги привлекува големите играчи во Луксембург е политиката на отворена врата со државните институции и нивната насоченост кон бизнисот, компетитивните даноци, добрата логистика и инфраструктура, како и пристапот до високо квалитетна и обучена работна сила.
Токму поради овие причини компаниите како Гардијан индустрис, Амазон, Миликом, Пејпал, Епл, Дупонт, Скајп, Арцелор Митал, медиумската групација РТЛ, се само дел од компаниите кои решија своите седишта да ги стационираат токму во Луксембург, со што на лесен начин добија пристап до пазар од 500 милиони потрошувачи. Речиси и да нема мултинационално финансиска групација која нема седиште во Лукесмбург. Дека Луксембург е мека за големите светски играчи, покажува и следниот факт- според статистиката во Големото Војводство на Луксембург живеат речиси 540.000 луѓе од кои 44,5% се странци кои работат во земјата!
Дубаи веќе 10 години е бизнис центар на Блискиот Исток
Годинава Дубаи слави 10 години од успешното функционирање на интернационалниот финансиски центар кој по многу нешта е единствен на светот. Има вкупна површина од 44 хектари и свој легален систем, судови одвоени од тие во самата земја. Оваа финансиска зона обезбедува платформа за бизнис и за финансиските институции кои сакаат да имаат пристап на брзорастечките пазари.
Компаниите кои работат во зоната имаат нула данок за профитот, немаат рестрикции за странска размена на капитал или префрлување на профитот, добиваат оперативна поддршка и други бизнис- олеснувања од земјата. А, за сите вкусови да се задоволени, во зоната функционираат и неколку хотели, кафетерии, културни галерии, односно се што им е потребно на луѓето кои работат таму да имаат богат живот надвор од канцеларија.
Дека зоната е привлечна за корпорациите од целиот свет, без оглед на тоа дали доаѓаат од финансискиот сектор, осигурувањето, менаџмент со капитал, или компании кои се трговци на глобалниот пазар, покажува фактот што токму во Интернационалниот финансиски центар на Дубаи функционираат приближно 1.700 претставништва на компании.
Економска полза од финансиските зони
Идејата за формирање на финансиска зона која со закон ќе биде уредена во Македонија кај експертската јавност беше позитивно прифатена, бидејќи пред се ќе влијае врз економскиот раст на земјата и отворањето на нови работни места.
Според најавите, зоната ќе работи по меѓународни стандарди и таму ќе се применуваат посебни правни прописи, освен законите од областа на кривичното право. Предвидено зоната да донесе акти со кои ќе се регулира контрола на перењето пари, па оттука ќе биде безбедна и сигурна за идните инвеститори. Ползата за државата ќе биде тоа што со привлекувањето на големи меѓународни финансиски институции ќе се зачне нов капитал.
„Финансиските зони ќе бидат центар за креирање на нови работни места, привлекување странски капитал и можност Република Македонија да се етабилира на финансиската мапа во Eвропа и светот“, смета вицепрмиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Развојот на една ваква финансиска зона ќе биде огромна предност за македонската економија на глобалниот пазар и ќе донесе здрав економски раст, согласни се аналитичарите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


