| четврток, 6 декември 2018 |

Купете цело село во Шпанија по цена на три стана во Скопје

spansko_selo

Неодамна се појави информација дека на Сицилија куќа во село може да се купи за едно евро, но примерот од Шпанија отиде чекор подалеку. Имено, за да се поттикне економскиот развој на земјата, чијашто економија стои лошо, шпанските власти и тамошните банки се решија на несекојдневен потег, нудат на продажба села по неверојатно ниска цена.

„Русија тудеј“ посетила едно од тие села, Есблада, кое се наоѓа на околу еден час возење од Барселона. Цената на ова село е околу 280.000 евра. Во таа цена е вклучено комплетното место, винарска визба, црква и 14 куќи, кои се напуштени веќе 60 години.

Селото има еден жител, винарот Рамон Мартин, кој се надева дека идниот купувач, ако се појави, ќе го врати животот во селото и ќе го поттикне економскиот развој.

За селото веќе има заинтересирани купувачи. Елвира Фаријан, агент за недвижен имот, вели дека засега потенцијалните купувачи се, главно, странци.

– Нашите клиенти моментно се Руси, Американци и Мексиканци. Русите се посебно заинтересирани, а најмногу ги интересира инвестирање и почнување на некој бизнис – вели Фаријан

Луѓето што некогаш живееле во селото, умреле или се отселиле, а селото потоа е продадено на инвеститор, кој банкротирал за време на економската криза. Селото сега е во сопственост на банките, кои сакааат да го продадат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top