| четврток, 6 декември 2018 |

Собранието донесе измени на неколку закони

Собранието на Република Македонија попладнево во рамки на 16. седница донесе повеќе законски решенија во второ читање.
Беше усвоен Дополнетиот предлог на закон за проглaсување на Старото градско јадро на Кратово за културно наследство од особено значење, кој содржи одредби со кои е утврден специфичен режим на заштита на споменичката целина со цел да се спречи неговото оштетување или уништување.

Законот доби поддршка од парламентарното мнозинство коe оцени дека Кратово со своето културно историско минато претставува обврска да се зачува старото градско јадро и трајно да се заштити неговата автентичност.

Пратениците ги донесоа и Предлог законот за задолжителни нафтени деривати, дополнувањата на Законот за градење, на Законот за продажба на становите во општествена сопственост, измените на Законот за приватизација и закуп на градежното земјиште во
државна сопственост, како и измените на Законот за концесии и јавно приватно партнерство.

Од областа на образованието беа донесени измените на Законот за образование на возрасните, а од областа на здравството измените на Законот за прекинување на бременоста, на Законот за санитарна и здравствена инспекција, на Законот за јавно здравје, на Законот за безбедност во снабдувањето со крв и измените на Законот за медицинските студии и континуираното стручно усовршување на докторите на медицина.

Во рамки на 16. седница беа донесени и дополнувањата на Законот за заштита на децата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top