На македонските граѓани кои ќе бараат престој во некоја од земјите од Шенген зоната подолг од 90 дена, од утре ќе им биде земен отпечаток на прстите од двете раце и дигитална фотографија во амбасадата каде што ќе аплицираат за дозволата. Ова нема да важи завизите за краток престој во земјите од Шенген.
Од Канцеларијата на Европската комисија во Скопје објаснуваат дека овие промени не се поврзани со системот за визна либерализација, туку се однесуваат само на апликациите за виза за подолг престој во земјите на ЕУ.
Оние граѓани кои веќе престојуваат во земјите на ЕУ со виза за подолг престој, како студенти, вработени и слично, нема потреба да се враќаат за да ги задоволат овие барања по стапувањето на оваа регулатива на сила. Дури при обновувањето на визата ќе треба да остават отпечатоци и биометриски податоци.
Објаснувањето од ЕУ е дека тоа е дел од модерниот визен информативен систем со кој се подобруваат процедурите во апликацискиот визен систем како и безбедноста на граѓаните и борбата против прекуграничниот криминал. Всушност, со давање на отпечатоци од прстите, се заштитуваат граѓаните од крадци на идентитети и фалсификување на патните исправи.
Оваа мерка, освен за граѓаните на Република Македонија од четврток ќе се применува на земјите од таканаречениот 16 регион, Турција, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија. После земјите од Балканот, со овој систем ќе бидат опфатени Украина, Ерменија, Грузија, Русија, Кина и Јапонија. Последни ќе бидат земјите кои се дел од ЕУ, а не се во шенген зоната како што се Велика Британија и Ирска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



