| четврток, 6 декември 2018 |

Студентите од „Јејл“ со традиционални македонски песни го изненадија претседателот Иванов

Вистинско изненадување по обраќањето на претседателот Ѓорге Иванов на Универзитетот „Јејл“, на приемот организиран во негова чест во библиотеката на Теолошкиот факултет, беше настапот на Женскиот хор од катедрата за славистика од „Јејл“, пренесува МИА.

jeil-500

Облечени во македонски народни носии, оваа група направи вистински празник на македонската култура, пеејќи традиционални македонски народни песни.

– Иако доаѓаме од различни земја, по некое време ни станува природно и многу забавно да ги изведуваме вашите песни. Секогаш кога настапуваме, како прва песна од нашиот настап изведуваме токму македонска песна – што ми е мило – изјави Ајана Вуд од хорот, во кој членуваат студентки со разни потекла, од Азија, Русија, Чешка…  предводени од Ајана која е Афроамериканка од Чикаго.

Придружувани од виолина и тарабука, девојките од хорот беспрекорно ги изведоа и „Јовано, Јованке“ и „Оддолу иде едно невестенце“. Настапот на хорот кулминираше со изведбата на „Македонско девојче“, кога и девојките од хорот покажаа дека освен песните, научиле да го играат и македонското оро, при што им се придружија и претседателот Иванов и првата дама Маја Иванова, како и деканот на Теолошкиот факултет, Грегори Стерлинг.

– Претседателе Иванов, по вашето предавање на „Јејл“, на македонски јазик, и ние со овој настап сакаме да покажеме дека македонскиот јазик е жив јазик, кој ние го славиме тука во универзитетот „Јејл“ – изјави деканот Стерлинг.

На предавањето на претседателот Иванов присуствуваше и Александра Георгиевска, студентка на додипломски студии која е единствената македонска студентка на овој водечки универзитет во САД.

– На „Јејл“ има голем интерес за Македонија, особено на катедрата по етика, политика и економија, каде што мојата теза е токму за проблемот со името. Колку повеќе се запознавам со спорот, разбирам колку е компликуван и се помалку надеж имам дека ќе се реши во скоро време. Но, мислам дека е важно, бидејќи многу луѓе во САД не се ни свесни за постоење на овој проблем, да се сврти нивното внимание кон спорот за името – изјави Георгиевска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top