САД и сојузниците почнаа со силни воздушни напади врз позициите на Исламската држава, потврди ноќеска Пентагон. Портпаролот на Петангон не откри многу детали со образложение дека нападот е во тек, но соопшти дека во акцијата учествуваат авиони ловци и бомбардери, како и дека биле истрелани неколку проектили од море од типот Томахавк.
Според непотврдени информации на „Си-Ен-Ен“, најголемиот дел од нападите биле извршени на градот Рака во источниот дел на Сирија, кој важи за седиште на ИСИЛ. „Би-Би-Си“ јавува дека во нападот учествувале и арапските народи, а „Си-Ен-Ен“ пишува дека станува збор за Бахреин, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и за Јордан. Во планирањето на операциите наводно учествувал и Катар иако не се знае дали оваа земја била дел од воздушните напади.
„Би-Би-Си“ истакнува дека овие напади многу се разликуваат од тие во Ирак затоа што самите Ирачани ги повикаа Американците да интервенираат, додека Сирија тоа не го стори. Според тоа, САД овој пат без дозвола и договор извршиле напад на туѓа територија. САД и сојузниците, меѓу кои и Велика Британија, изјавија дека не планираат да соработуваат со сирискиот претседател Башар ал Асад затоа што сѐ уште го сметаат за одговорен за голем дел убиени цивили за време на граѓанската војна. Обама, исто така, барал дозвола од Конгресот на САД да обучи и вооружи сириски бунтовници за борба против ИСИЛ.
ЦИА претпоставува дека Исламската држава има околу 31.000 борци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


