| четврток, 6 декември 2018 |

По 48 години Енвер од Турција ја најде својата полусестра во Македонија

Многу солзи, но во исто време и голема радост. По четириесет и осум години Енвер Ѓулшан од Турција, инаку со потекло од Росоман, денеска за прв пат се сретна со својата дванаесет години постара полусестра Ѓулиза Идризи, која живее во Тетово, јави Дума.

 Средбата се случи во Росоман. И двајцата плачеа како мали деца и низ солзи си раскажуваа за животот и пропуштеното, известува порталот.

 Улогата на детектив во целата приказна ја имал градоначалникот на Росоман, Стојанче Лазов, кој се ангажирал да му помогне на Енвер да ја пронајде сестрата, за која само знаел дека живее во Македонија.

 Додека од очите на Ѓулиза течеа солзи, а таа и не се обидуваше веќе да ги брише, раскажуваше како никогаш не се ни посомневала дека има полубраќа. Рече дека до вчера животот го минувала сама, а од денеска срцето ѝ е полно со љубов и со браќа. Ѓулиза и Енвер постојано се прегрнуваа, известува Дума.

 Нивниот татко бил полицаец, кој во тогашна Југославија работел на висока позиција. Се развел од мајката на Ѓулиза кога таа имала само една година, а подоцна се оженил со осумнаесет години помладата мајка на Енвер, која потекнува од Босна.  Росоман го напуштиле во 1959 година.

– Полицаецот од Росоман во Турција почина на 75 години, но желбата да ја сретне својата ќерка ја понесе со себе. Сега јас ќе ја гушкам и за него – вели Енвер, кој освен сестрата Ѓулиза има уште пет браќа со кои водат семеен бизнис во во Измир и во Јеникен.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top