Галатасарај лошо ја почна новата сезона, а прв на мета на критичарите е тренерот Чезаре Прандели. Италијанскиот стратег не се снајде најдобро, а Галата има само 4 бода по три кола во домашното првенство и реми на домашен терен со Андерлехт во Лигата на шампионите. Со поранешниот италијански селектор критики има и за македонскиот интернационалец Горан Пандев.
„Слаб е ефектот на Пандев на почетокот од сезоната. И тука може да му се забележи на Прандели, бидејќи Македонецот предоцна пристигна во клубот, иако имаше цело лето за да биде реализиран трансферот“, стои во коментарот на „Хуриет“.
Уште поостар беше поранешниот турски репрезентативец Умит Каран, со изјава дека „како Пандев има многу турски играчи и дека Галатасарај непотребно трошел пари за да го ангажира македонскиот фудбалер“.
Но, Пандев веќе се навикна на критики и потценување, беше во слична ситуација и во Интер и во Наполи, па успеваше да се наметне како една од важните алки и во тимот од Милано и во Неапол. Навивачите бараат оставка од Прандели, но засега италијанскиот стратег кој инсистираше да се купи Пандев останува на кормилот на Галатасарај.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.