| четврток, 6 декември 2018 |

Постхумно промовирана монографијата „Моето Леуново“

Во Скопје е промовирано дело посветено на едно од најпиторескните села во Западна Македонија. Промотори беа Мемед Нурединовски и Сергеј Милошевски.

„Моето Леуново“ од авторот Душко Апостоловски е монографија посветена на селото Леуново  на падините на Бистра, сегашна општина Маврово Ростуше.

Леуново за првпат се спомнува во 13 век во грамотата на Константин Тих. На голема надморска височина (1216 м) во селото биле тешки условите за живот, што ги принудувало луѓето да одат на печалба.

Одделни леуновци оставиле видливи траги во Македонија (Димитар Зографот) или во историјата на соседните народи (Јован Чардаклија во Србија). Посебен е придонесот на Леуново во НОБ кога селото дало 15 жртви и кога во 1943 година е запалено и целосно изгорено.

Со изградбата на Мавровско Езеро во 1956 година, и потопувањето на Леуновско Поле, го снемува единствениот извор за егзистенција, по што селото замира.

Монографијата за Леуново опфаќа повеќе теми за името на селото, топонимите, маалата и имињата на старите Леуновци. Вклучени се и научни сознанија за потеклото на населението во Леуново. Монографијата ги содржи и делови за културното наследство песни, мудрости и клетви, како и за образованието.

Посебно се обработени значајни места или настани како училиштето (од 1913 г.) и црквата (1860 г.), Леуновското Евангелие (1537 г.), печалбарството, леунската жена, палењето на Леуново на 21 август 1943 г.

Во монографијата се поместени и списоци на загинати борци и жртви на фашизмот, список на лица родени во Леуново 1920-1950 г. и список на леуновци на денот на палењето на селото, како и биографии на видни леуновци.

Душко Апостоловски (1927-2012) е роден во село Леуново. Во повоените години е прв директор на гимназијата во Гостивар. Потоа работи во Рудници и железарница Скопје, на повеќе јавни функции, а се пензионира како секретар за кадровски прашања на Извршниот совет на СРМ.

Како голем вљубеник во своето родно место  иницира градба на повеќе објекти во селото, и на крај на пишува оваа монографија, која се издава посмртно.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top