
Во Скопје денеска беше промовирана првата станица за полнење на електрични возила во Македонија, која ќе придонесе за зголемување на употребата на возила од ваков вид во нашиот регион и за маркирање на зелената патека низ Балканот.
На промоцијата што се одржа во просториите на Универзитетот на Југоисточна Европа во Скопје присуствуваше и министерот за животна средина и просторно планирање, Нурхан Изаири.
– Одговорен однос кон животната средина, покрај другото, значи и иновативен пристап во употребата на нови технолошки решенија. Еко-иновациите ќе станат клучни за економскиот пораст, конкурентноста и вработувањето. Клучот за креирање на нови работни места, економски пораст и благосостојба на населението е во ефикасните еколошки иновации, што бара високи стандарди за заштита на животната средина, комбинирано со широк опсег на други економски инструменти -рече министерот Изаир во поздравниот говор на промоцијата.
Тој посочи дека употребата на новите генерации возила ќе придонесе кон намалување на негативното влијание од емисиите на штетните супстанции во воздухот и атмосферата.
– На ниво на државава, секторот сообраќај учествува со 24 отсто во емисијата на азотните оксиди, 34 во емисии на јаглерод моноксид, и 16 отсто во емисии на испарливи органски супстанци. Емисиите од патниот сообраќај имаат негативно влијание врз човечкото здравје и претставуваат главен еколошки проблем во густо населените урбани средини – нагласи Изаири.
Имајќи го предвид наведеното, потенцира, сметам дека е потребно е да се преземат соодветни мерки за намалување на емисиите на загадувачките супстанци од секторот сообраќај.
– Мудриот избор на видот на превозното средство е одлука која зависи од нас самите и која придонесува кон „здрава“ животна средина. Со својот избор се грижиме и за нашите поколенија и ја докажуваме својата одговорност – подвлече Изаири.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


