Македонија со тежок пораз од Шпанија, со 1-5, го почна новиот квалификациски циклус за настап на Европското првенство во фудбал што ќе го организира Франција во 2016 година. Тежок поради многу сегменти, иако против актуелниот европски првак не се ни очекуваше успех, особено не на негов терен. Игравме слабо, неинвентивно, бавно, со многу грешки во основните елементи, па, за жал, уште еднаш се покажа дека заостануваме зад елитата и зад европскиот просек во многу елементи од фудбалската игра.
Време за корекција има, следен ривал во групата Ц ни е Луксембург во Скопје на 9 октомври, а и измените што ги направи УЕФА со драстично зголемување на бројот на учесници на ЕП во Франција нуди одлична шанса за историски резултат. Првпат во историјата на шампионатот на стариот континент ќе играат дури 24 репрезентации. Досега право на настап имаа 16 селекции. Македонија нема учествувано на големите натпреварувања, ниту на Светско, ниту на Европско првенство.
Одличен маневар на Платини, се радуваат и малите и големите
Мудар потег направија Мишел Платини и неговите соработници во УЕФА со зголемувањето на бројот на учесниците на завршниот турнир од досегашните 16 на 24 репрезентации. Добиваат и малите и големите, и фаворитите и аутсајдерите. Во таков формат речиси е невозможно да се случи некој од гигантите, од калибарот на Шпанија, Италија, Англија, Холандија, Германија, Франција…., да извиси, односно да не патува на ЕП. А, токму тоа им се случуваше на дел од „големците“ на европскиот фудбал на последните шампионати. Речиси на сите, освен на Германците кои имаат континуитет во настапот на Европското првенство. На УЕФА и од финансиски аспект ѝ одговара богатите земји со огромна фудбалска традиција да играат на големите натпреварувања, а се бараше модел што веќе нема да биде на штета на помалите фудбалски сојузи и земји, кои бараат место под сонцето.
Со овој формат и државите како Македонија имаат голема шанса да испишат историја во најважната споредна работа на светот – во фудбалот, игра во која се вртат милијарди евра и игра што се претвори во моќна индустрија. Магија што ја следат огромен број гледачи, навивачи, вљубеници во бубамарата.
Според новата шема на УЕФА, од секоја од деветте квалификациски групи двете најдобропласирани селекции ќе се пласираат на ЕП во Франција, плус и најдобрата третопласирана репрезентација. Останатите осум земји што ќе го освојат третото место во групите ќе играат бараж-двомеч, па победниците ќе се приклучат на фудбалскиот европски самит во Франција. Заедно со домаќинот тоа се 24 репрезентации или речиси половина од 54. членки на УЕФА.

Шпанија нѐ потсети на старите грешки
Поразот од Шпанија не ветува многу, а особено нѐ разочара пристапот кон играта на дел од репрезентативците, конфузијата на новиот селектор Бошко Ѓуровски, нелогичниот избор на селекцијата, тактиката, начинот на кој ѝ се спротивставивме на Шпанија. На стартот од квалификациите ниту најголемите оптимисти не очекуваа победа, па ниту реми против актуелниот европски првак во Валенсија. Но, веројатно, сите очекуваат конечно да одиграме бескомпромисно, мудро, без страв и преголем респект кон противниците. Па, макар тоа била и моќната Шпанија. Ако денот се познава според утрото, не ни се пишува добро. Истите грешки ни се повторуваат од циклус во циклус, а немаме решение за многу битни сегменти од фудбалската игра. Во репрезентацијата, за жал, имаме многу неподготвени играчи, кои не можат да им парираат на конкурентите ниту на физички план ниту на полето на техниката. Не се почитуваат обичните фудбалски правила националниот дрес да го носат најдобрите фудбалери што ги има на располагање Македонија, тие што се максимално подготвени за предизвикот да се одигра напорен и тежок циклус на квалификации со, на хартија, подобри од нас. Во првиот состав да настапуваат само тие што играат редовно во своите клубови, што не се плашат од ниту еден противник, што ќе се борат до последен здив за успех, за бодови, за пласман на ЕП во Франција.
Зошто Шпанија, Украина, Словачка и Белорусија, кои ни се главни ривали во групата Ц , се подобро рангирани од нас, имаат подобар клупски и репрезентативен фудбал, повисок рејтинг, поуспешна фудбалски историја. Место за ЕП 2016 во Франција има за две, најмногу три, репрезентации од групата. Шансата е пред нас, квалификациите само што почнаа, но ни треба многу посериозен пристап за да се искористи подарокот што го нуди УЕФА. Шпанија и поразот од 1-5 се минато, на ред е Луксембург – селекција која е прогласена за аутсајдер во групата Ц, но и репрезентација што знае да изненади. Впрочем, играчите од оваа селекција стартуваа со реми, 1-1, против Белорусија и потврдија дека ќе бидат тврд орев и мошне незгоден ривал ако бидат потценети.
(Пишува: Зоран Поповски
Текст објавен во 106. број на неделникот „Република“, 12.09.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст


