Македонија ја прослави 23-годишнината од независноста. Дваесет и три години сопствена држава. Идеал на неброени Македонци, кои го положија својот животи и животот на своите блиски во вековната борба со тој збор на усните.
Македонија по 8 септември 1991 година е самостојна држава, признаена од светот, држава што е кандидат за членство во најголемите светски воено-политички организации, со чиишто членки стои рамо до рамо пред глобалните предизвици. И самата стои пред предизвици, чиишто корени досегаат далеку во историјата. Истите предизвици за кои се леела крвта македонска.
Тоа го почитуваат и светските лидери и светската јавност, која не пропушта можност да ја честита храброста и истрајноста во таа борба. Борба што Македонија ја поминала до својата независност, но и која ѝ претстои како дел од глобалните предизвици.
Дома, пак, во републиката, и оваа година, за жал, не се смогнаа сили за заедничка прослава на најголемиот државен празник. И повторно опозицијата одби да присуствува на заедничко одбележување на Денот на независноста. Опозицијата и овој пат се обиде Денот на македонската државност да го идентификува како партиски празник имајќи ги пред очи теснопартиските дневнополитички интереси.
И овој пат македонската опозиција не беше присутна на Свечената академија по повод 23 години македонска независност. Оттаму беше испратена пораката од претседателот на Собранието дека токму одбележувањето на 8 Септември е наша заедничка можност да ги реафирмираме заедничките вредности и да ја обликуваме заедничката свест кон овој историски ден.
Осми септември е денот на нашата најголема современа победа и остварување на сонот на најдемократски начин, преку референдум и решителност на граѓаните на Македонија да создадат своја независна држава, Република Македонија. Нам ни беше доверено да го реализираме стремежот на многу генерации и херои во создавањето современа демократска држава, во која ќе има хармонија и разбирање, сплотеност и единство, визија за напредна и силна Македонија – изјави тој.
Колективната меморијата на македонскиот народ се повика на сликата на најголемата прослава на независноста, нејзината 20-годишнина, кога опозицијата не смогна сили да присуствува на прославата на плоштадот „Македонија“ во центарот на Скопје. Како што на исто место, додаваат сведоците од тоа време, членови на истата партија, но со старото име, не дојдоа на истиот тој плоштад, но со името „Маршал Тито“, да го прослави резултатот на референдумското изјаснување.
Три круши – прослава на државноста или партиски банкет
Денот на независноста ја покажа зависноста на најголемата опозициска партија на политичката сцена. Ја покажа себичноста и теснопартиските, но и тесногради интереси на опозицијата. Никој од СДСМ не собра храброст во име на државноста да дојде на свечената прослава на Осми септември. Лидерот на опозицијата Зоран Заев не ја надмина дневнополитичката улога што ја игра и да присуствува на свечена академија во Македонскиот народен театар, каде што беа одбележани 23 години од формирањето на Република Македонија како суверена и самостојна држава. Таа држава што тој како лидер на опозицијата води битка да ја води. За чијшто премиер се назначуваше преку изборните микрофони пред неколку месеци.
Како Осми септември да не е празник на сите граѓани во Република Македонија. Како Осми септември да е празник на СДСМ или на општинската организација во Кисела Вода или на Месната заедница во Драчево. СДСМ повторно се двои од државата, од државноста, од народот, од споделувањето на судбината и на радоста со народот, кому потоа и би сакал да му се обрати од таа привидна партиска игранка.
И токму говорот упатен од Три круши повторно посочува на теснопартиските интереси на сиот чин, на партиските оценки за моментните состојби, без никаков свечен или, пак, обединувачки момент, кој би соодветствувал на денот.
Од надежна земја, Македонија стана земја на безнадежноста. Од земја на сите граѓани, Македонија стана земја на поединци. Од слободна земја, одамна ослободена од туѓи поробувачи, Македонија стана окупирана земја од домашни поробувачи, земја што повторно треба да се ослободува. Од праведна земја, Македонија стана земја на неправдата – се дел од зборовите на Заев.
Секако, како да не се работи за порака од опозициски лидер до сите граѓани во државата, Заев и оваа пригода ја искористи за теснопартиски дневнополитички говор.
Никој да нема дилема дека Социјалдемократскиот сојуз ќе попушти во својата решителност да ја обезбеди слободната волја на граѓаните и да го врати достоинството на народот и на демократијата во земјата. Овој пат, нема попуштање. Не од инает. Не функционира СДСМ со инает. Не е дозволиво попуштање поради обврската кон граѓаните и кон државата, кои тоа го очекуваат од Социјалдемократскиот сојуз. Да ги заштити од последиците што ги остава оваа власт врз нивниот живот, врз нивните семејства, врз земјата. Затоа власта треба да знае, ако се решат на преговори, тие преговори мора да обезбедат и законски и практични гаранции за фер и демократски избори. Како сака власта така нека ги нарече нашите барања, но мора да има законски и практични гаранции за фер и демократски избори – додава Заев.
Дури и во информациите за овој партиски собир во весниците блиски до опозицијата се наведува дека Три круши е излетничко место над скопско Драчево, место за кое од СДСМ велат дека е „вмровско упориште“. Доколку целта на собирот е да се критикува актуелната власт, за тоа постојат барем уште 360 други денови и пригоди. Дури и со игра и песна среде ова или кое било друго „вмровско упориште“.
Честитка со повик за сплотеност
Премиерот Никола Груевски, пак, во својата честитка за Денот на независноста посочи дека 8 Септември е празник што претставува остварување и континуитет на трудот, вложувањата и пожртвуваноста на многу генерации граѓани што живеат со мислата за слободна и самостојна држава, но и ден со кој се празнува и мудрата одлука на огромното мнозинство граѓани, кои заокружија „да“ и се определија за самостојна Македонија.
„Оваа година се одбележуваат 23 години од независноста на државата, години низ кои граѓаните покажаа зрелост, мудрост и капацитет, години на предизвици, на успеси и на премрежиња, но и време низ кое покажавме како држава дека умееме да се носиме со големата одговорност да се управува сопствената судбина и да се донесуваат самостојно одлуки. Денес Република Македонија има цврсто предвидени цели и визија. Нашата најголема задача е да го подобриме животот на граѓаните, да отвораме нови работни места и да придонесеме за економски развој и општествен напредок, кој државата ќе ја направи посилна, а граѓаните посреќни и сигурни. Тоа е задача во која сите треба да придонесуваме, но и наша обврска за идните поколенија“, стои во честитката на премиерот Груевски.
„Меѓусебното почитување и единството е тоа што може да нѐ однесе понапред и кон побрзо остварување на овие наши цели бидејќи единството гради иднина. Секој од нас има сон и идеи за својата иднина, но тоа што е најважно е идејата за заедничка иднина. Идејата дека само сплотени во единство можеме заедно да изградиме сигурна иднина за успешна Македонија“, истакнува Груевски во честитката по повод 8 Септември.
На оваа порака се надоврзуваат и зборовите при отворањето на проширениот и реконструиран булевар „Трета македонска бригада“ во Скопје.
Знаеме да кажеме дека секоја генерација има своја борба. Борбата на нашата генерација, меѓу другото, е да обезбеди просперитет и благосостојба, да им остави на идните поколенија подобро место за живеење. За да успееме во тоа потребно е многу работа и инвестирање во сите области во општеството, вклучително и инвестирање во инфраструктурата и во транспортната мрежа бидејќи тоа претставува инвестирање во подобра деловна клима, во стопанскиот пораст на државата, во непречен и брз проток и, воопштo, во подобрување на квалитетот на животот на граѓаните – порача премиерот на Денот на независноста.
Свечената академија е место за сите
Чествувањата на големите празници се моменти од кои се упатуваат пораки за граѓаните, за политичко-општествените дејци, јавноста, домашна и во странство. Не случајно од Свечената академија беа упатени зборовите дека самите сме одговорни за својата судбина. Самите ги кроиме нашите политички потези. Самите се грижиме за Македонија, упатени од претседателот на Собранието. И дека нема позаслужни и помалку заслужни парти, па токму затоа 8 Септември треба да биде денот на кој треба да го славиме и да го поттикнуваме нашето единство и соработка.
Осми септември е денот кога, како ретко кога, покажавме државно единство, народен плебисцит гласајќи за самостојна, суверена и за независна Македонија. 8 Септември е најголемиот симбол и на искрениот дијалог, соработка и разбирање меѓу различните политички партии. Независноста на Македонија е наше заедничко дело, заслуга на сите политички партии. Нема позаслужни и помалку заслужни партии – додаде првиот парламентарец.
Затоа, 8 Септември треба да биде денот на кој треба да го славиме и да го поттикнуваме нашето единство и соработка. Осми септември не е празник само на поддржувачите на една или на друга партија. Осми септември е празник на сите наши партии. Осми септември е најголемиот политички успех, како на ВМРО-ДПМНЕ, така и на СДСМ – додаде Вељановски.
Извојуваната државност мораме да ја сочуваме. Мораме уште повеќе да ги унапредуваме вкупните околности во Македонија. Меѓутоа, сѐ е потешко доколку отсуствува единството. Секоја цел е подалечна доколку не сме обединети. Мораме да ги надминуваме нашите разлики, да го развиваме дијалогот, да оформуваме конкурентна политичка понуда, да се натпреваруваме со идеи, да правиме сѐ што е во наша моќ за многу повеќе партиите да се доживуваат како конкуренти, а не како непријатели, да си подадеме рака независно од тоа на која партија ѝ припаѓаме!
Нашата најголема партија останува да биде Македонија – меѓу другото, порача во своето обраќање претседателот на македонското собрание, Трајко Вељановски.
Оваа порака на Вељановски од Свечената академија ја слушнаа претседателот на владата, Никола Груевски, министри, претседателот на државата, Ѓорге Иванов, претставници од дипломатскиот кор. Не ја слушна само опозицијата и членовите на партиите на Али Ахмети и на Мендух Тачи.
Не е за утеха, но од историски аспект, овие години на подвоени прослави може да се остават зад нас. Да се одбијат на, сепак, младоста на плурализмот. И кога в година од централната свеченост за Денот на независноста ќе се упатат пораки за предизвиците кон заедничката иднина во ЕУ и во НАТО, зад неа да стои сиот политички потенцијал во Република Македонија.
(Пишува: Наум Стоилковски
Текст објавен во 106. број на неделникот „Република“, 12.09.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


