| четврток, 6 декември 2018 |

Расте бројот на милијардери, регистриран рекорден број во 2014 година!

Светската економија е во тежок период, но бројот на милијардери во светот достигна ново рекордно ниво, пишува „Денар“.

Новото истражување на консултантската компанија „Велт – Икс“ (Wealth-X) и УБС покажува дека оваа година светот се здобил со 155 нови милијардери со што нивниот вкупен број се зголемува до рекордни 2.325 или седум проценти повеќе во споредба со 2013 година.

Најмногу нови милијардери оваа година има во САД – 57. Азија и Латинска Америка, како и карибскиот регион, можат да се пофалат со 52 и 42 нови милијардери од почетокот на 2014 година. Најбрзорастечки сегмент меѓу милијардери се тие што наследиле само дел од богатството или станале милијардери преку своите претприемачки потфати, се вели во извештајот.

Во него, исто така, се забележува дека 63 проценти од главните компании на сите милијардери не се јавни. Бројот на милијардери во пазарите во развој, сепак дава контрадикторни сигнали. Во Африка општото богатство на милијардерите е зголемено, но нивниот број е намален, главно поради варијабилните социополитички услови. Слична ситуација е забележана и во Блискиот Исток.

Просечниот милијардер е на 63-годишна возраст со лично богатство во износ од 3,1 милијарди долари, според извештајот во кој се наведува дека состојбата на повеќето богаташи не ја достигнува сумата од една  милијарда долари пред тие да се доближат до 50 години.

Речиси 90 проценти од мажите милијардери се во брак, шест проценти се разведени, три проценти се неженети, а два процента се вдовци. Главните индустрии кај мажите милијардери се финансиите и банкарството, индустриските конгломерати, недвижниот имот , производство на текстил и облека и луксузна стока. Вкупно 65 проценти од жените милијардери се мажени, 10 проценти се разведени, четири проценти се немажени, а 21 процент се вдовици.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top