| четврток, 6 декември 2018 |

Со филмот „Деца на Сонцето“ в петок се затвора „Браќа Манаки“

deca_na_sonceto_plakat-320x480

Со премиера на играниот филм „Деца на Сонцето“ на македонскиот режисер Антонио Митрикески утре се затвора Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ . Од организацијата на фестивалот најавија дека ќе има конференција за печат, на која, освен режисерот, ќе присуствува и најголемиот дел од актерската екипа од филмот.

Од тимот на филмот соопштуваат дека билетите се веќе продадени за битолската премиера, а на 25 септември филмот ќе ја доживее својата светска премиера со гала прикажување на големиот 22. по ред Интернационален филмски фестивал „Реинденс“ во Лондон. Филмот, исто така, ќе се натпреварува во официјалната конкуренција на фестивалот.

Фестивалот се одржува секоја година од 24 септември до 5 октомври. Македонскиот филм ќе биде прикажан во 18.20 часот на 25 септември, а ќе има и втора проекција веќе следниот ден во 16 часот. Фестивалот се одржува во срцето на Лондон на Пикадили.

– Сите мои претходни документарни и играни филмови беа прикажани на „Манаки“, така што големо е задоволството што и мојот најнов проект ќе биде дел од фестивалот. „Деца на Сонцето“ е оптимистички филм, едноставен и ненаметлив, убеден сум дека ќе допре до публиката. Радоста извира од внатрешноста на човекот. Како и сонцето кое несебично дава и нè грее, така и ние треба да даваме од сопственото согорување. И покрај сите проблеми со кои се соочуваме, да бидеме деца на Сонцето – вели Митриќески.

Интересно е што голем дел од филмот е сниман со камера од рака и светла гама. Директор на фотографија е Чехот Јарослав Шода, кој беше дел од екипата и на претходниот филм на Митиќески, „Како лош сон“. Филмот е суптилна социјална драма со лесни апсурдни ситуации, портретирани преку едно семејство. Базиран на модерен неореализам, 88-минутниот авторски филм е сниман на брегот на Преспанското Езеро, чии убавини ги прикажува, како и во Скопје, Гостивар, Охрид.

– Се радувам што ќе учествуваме на еден од најголемите фестивали на Балканот, тоа е фестивалот „Браќа Манаки“. Ова е мојот прв долгометражен филм на кој сум продуцент. Секогаш кога нешто е прво многу значи, а особено кога се случува во мојата држава и на најдобриот фестивал кај нас – изјави продуцентот на филмот Дејан Милошевски, од продуцентската куќа „Револушн“.

Сценариото е на Гордан Михиќ, веројатно еден од најеминентните сценаристи од просторите на поранешна Југославија. Музиката е на Влатко Стефановски. Монтажата на филмот ја направи култниот монтажер Андрија Зафрановиќ, кој престојуваше во Скопје за време на процесот. Во филмот играат актери од повеќе генерации како Кире Ѓоревски, Мето Јовановски, Владо Јовановски, Милица Стојанова (која досега има најголема улога на филм), Билјана Таневски, Данчо Чеврески, Александар Микиќ, Сашко Коцев, Камка Тоциновски, Емир Хаџихафизбеговиќ, меѓу кои и Ивана Павлаковиќ, исклучително талентирана млада актерка која првпат игра на филм.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top