| четврток, 6 декември 2018 |

Без инвестиции во младинските категории нема успех на сениорско ниво

Неколку македонски и странски тренери последниве неколку недели и месеци најавија нова програма за своите клубови или селекции во која централна тема не се големите ѕвезди туку цицибаните, децата меѓу седум и 14 години, кои допрва ќе го одат патот до ѕвездите. По долгогодишната импровизација и базирање на индивидуалните таленти и ентузијазмот на поединци, се чини, конечно, големите клубови и спонзорите зад нив сфатија дека единствен начин да се дојде до континентален или светски успех е да се тргне од почеток, од најмали нозе

Една од мерките што заживеа во земјава со формирањето на Спортската академија е добар почеток, но и таа не може да биде успешна ако зад неа, покрај Агенцијата за млади и за спорт, не стојат клубовите и, особено, тренерите по физичка култура во основното и во средното образование. Исто така, постигнувањето спортска конкуренција меѓу училиштата, кои се борат во различни спортови на различни нивоа од општинско до државно, не може да донесе резултат на меѓународен план ако децата не се соодветно физички, тактички и психички подготвени за натпреварување.

Во некои спортови како тенисот или пливањето десетгодишна возраст како период за почеток со тренинзи е веќе доцна за да се очекува врвен резултат. Кај некои други спортови, како кошарката или ракометот, има примери кога деца со посебни физички предиспозиции почнале и на 15-годишна возраст и стигнале во врвот, но таквите примери се ретки. Генерално, почетокот на основното образование е најдобриот термин за почеток со спорт, без разлика што до пубертетот огромен број деца ќе го сменат спортот, како што на 19 години направил ракометниот репрезентативец Стојанче Стоилов, кој од кошарка се префрли на ракомет и го направи најдоброто и за себе и за Македонија.

Sport105-2

Една од работите покрај обезбедување финансии за спортските младински програми е соодветна едукација на тренерите во клубовите, но, пред сѐ, тренинг и мотивација на наставниците по физичка култура во училиштата. Тие се важни и поради тоа што се во можност континуирано да се занимаваат со младите спортисти, но и поради тоа што се во можност да препознаат талент и вештина кај деца што претходно воопшто не се занимавале со спорт. Училишниот спорт е важен и поради сѐ поголемата комерцијализација на спортот, особено на атрактивните спортови затоа што сѐ поголем број деца, колку и да се талентирани, немаат по 1.000 до 1.200 денари за членарина во спортските школи.

Добар почеток се најавите на Червар од Металург, Сегедин од МЗТ Скопје и Сергеј Андреев од ФК Вардар дека се создава нов систем во кој главната цел се успешни младински екипи, а резултатите ќе се очекуваат на среден рок. Колку е важна работата со младинските категории најдобро можевме да видиме во последните 30 дена од примерот на кошаркарската репрезентација, која и покрај заминувањето на првите шест репрезентативци, успеа да се пласира на европското првенство. Нивниот успех е, пред сѐ, успех на нивните семејства и нивен личен успех, но и на луѓето што од намали нозе ги туркале да стигнат до врвот. Токму на тие луѓе треба да се обрне посебно внимание и од државата и од спонзорите затоа што без нив ќе нема врвен спорт и пласман на европски и на светски првенства, кој толку многу го посакуваме.

Sport105-3

Британците со 150 милиони фунти за младите

Што се случува во светот на спортот, што се случува во земјите во кои има успех? Дали таму клубовите и тренерите ја знаат лекцијата – без инвестиција во младите нема успешен спорт. Минатиот декември британската влада најави нови 150 милиони фунти за финансирање на спортот во основните училишта, како продолжение на „Скул спорт премиум“. Министерот за финансии во својата есенска изјава откри дека „Скул спорт премиум“ ќе продолжи и во учебната 2015/2016 година, иако беше предвидено да трае само две години. Финансиите, кои беа обезбедени од почетокот на учебната година, се распределуваат директно во основните училишта, со што на училиштата им беа овозможени ресурси за подобрување на физичкото образование и на застапеноста на училишниот спорт во нивните училишта, а требаше да заврши во летото 2015 година.

Бароницата Сју Кембел, која е претседателка на Фондот за младински спорт, го образложи продолжувањето на инвестицијата:

– Ја поздравуваме веста за продолжување на финансирањето на физичкото образование и училиштен спорт во основните училишта. Потребата од долгорочна инвестиција во училишниот спорт е нешто за што Фондот за младински спорт одамна се бори. Со овие дополнителни средства училиштата ќе можат да прават натамошни планови за обезбедување дополнителни можности за вискоквалитетно физичко образование за своите млади – тоа не може и не смее да биде залудно. Најважно е што продолжуваме да ги поддржуваме училиштата во донесувањето правилни одлуки, кои ќе имаат долгорочно влијание за младите луѓе. Верувам дека доколку училиштата имаат ефективни развојни планови за подобрување на застапеноста и на резултатите од физичкото образование, физичката активност и училишниот спорт, тогаш сме на вистинскиот пат. Фондот за младински спорт изработи свој официјален водич за тоа како училиштата би можеле да го извлечат максимумот од оваа инвестиција обезбедувајќи одржливи ефекти за младите.

Владата потврди и дека ќе има нови инвестиции од „Спорт Ингланд“, кои ќе бидат во полза на младите луѓе од основните училишта.

Од 2014 година основните училишта имаат на располагање 18 милиони фунти од Државната лотарија за подобрување на спортските објекти. „Спорт Ингланд“, во соработка со Фондот за младински спорт, ќе го раководи Фондот за спортски објекти во основните училишта за да им помогне на основните училишта што имаат мал или никаков отворен простор да ги активира своите ученици.

Бароницата Кембел изјави дека новите средства за такви објекти се уште една инфузија за спортот во основните училишта.

– Со тоа самите си обезбедуваме добра повратна информација од многу училишта, кои сакаат да ги подобрат можностите за физичко образование и училиштен спорт за младите луѓе, но имаат тешкотии поради недостиг од простор или несоодветни капацитети. Овие средства за многу училишта ќе значат соочување со нови и тешки одлуки. Наш приоритет мора да биде обезбедувањето поддршка за директорите на училиштата за правилно да ги искористат своите средства за да се осигурат одржливи придобивки за сите млади луѓе. Многу ни е драго што ќе соработуваме со „Спорт Ингланд“ за да ги поддржиме училиштата во максимално искористување на овие средства. Ова ќе им овозможи на училиштата да создадат најпогодни капацитети за одржување часови по физичко образование и да обезбедат услови за што повеќе млади луѓе да бидат активни и да спортуваат – вели таа.

Во текот на 2014 година беа објавени критериумите за избор, а училиштата што сметаа дека ги исполнуваат условите можеа да се пријават со поднесување апликација.

Sport105-5

Шпанците позлатени десет години по инвестицијата

И Шпанија, која ги собира наградите од десетгодишната инвестиција во младинскиот фудбал е добар пример дека без инвестиции во младинските кадри нема успешна спортска приказна.

Тоа што Шпанија на 19 секунди пред крајот дојде до победа над Англија во полуфиналето на Европското првенство со 3-1, Хозе Луис Астијазаран (шпански адвокат од областа на спортот и на трговското и граѓанско право и претседател на професионалната фудбалска лига во периодот од 2005 до 2013 година)смета дека е поради „верната стратегија“ што довела до тоа 77 проценти од играчите во шпанската лига да се квалификуваат за националниот шпански тим.

Голема е разликата со Англија, каде што повеќе од 40 проценти од играчите од Премиер-лигата би можеле да се квалификуваат за националниот тим.

– Многу клубови во Англија бараат играчи што доаѓаат од надвор, а не домашни – изјави Астијазаран за „Дејли телеграф“ и додава:

– Тие имаат добри академии, добри училишта, добри услови, а, можеби, и многу добри идеи, но тие мора да работат со иста филозофија. Не е добро да се има домашни играчи што работат со многу играчи што доаѓаат од надвор. Тие понекогаш земаат и многу млади странски играчи, кои младите домашни играчи ги гледаат и си викаат: „ми ја зедоа шансата“. Не го знам решението за Англија; тоа е работа на Премиер-лигата и на англиската фудбалска асоцијација. Англија го има Фабио Капело, кој е многу добар тренер. Мислам дека во последните две или три години тие работат подобро . Кога не отидоа на Европското првенство во 2008 година, имаше важна дискусија и сметам дека Англија ќе се покаже во следните две или три години. Филозофијата се менува. Барселона е совршен пример за шпанската „верна стратегија“ , чијашто академија ја покажа суштината на победничкиот тим на Светското првенство.

Според Астијазаран, клубовите во шпанската лига гледаат потенцијална предност – и финансиски и во спортска смисла – во производството на млади шпански играчи.

– Нашата стратегија е да се работи многу напорно со домашните фудбалери и да се мешаат помладите со поискусните играчи. Мислам дека 77 проценти е многу добро ниво на шпански играчи во лигата. Важно е да се дополни со странски играчи бидејќи тие ги учат помладите играчи на други стилови. Пред околу 10 години почнавме да инвестираме во кампови за обука. Претходно добри млади играчи се откажуваа поради притисокот што се вршел врз нив. Верната стратегија функционира на два начина. Обезбедува тренинг и можност да се игра за клубови. Другиот аспект е да се има наставници што им помагаат на младите играчи да се подготват за живот надвор од фудбалот. Тоа е важно за родителите – коментира Астијазаран.

Според него, најважно е да бидете стрпливи. Ако имате добар напредок со домашни играчи, поддржувачите ќе сфатат ако не излезе добра година бидејќи следната година тие ќе имаат, да речеме, тројца домашни играчи. За шест години, тоа може да бидат 11 домашни играчи. Тоа е иднината, вели тој, бидејќи тие ја следат вашата филозофија.

И покрај таквиот голем број странски играчи во Англија, 82 процента од академците во премиерлигашките клубови ќе бидат прифатливи за националниот тим. Според тоа, предизвикот е да се создаде подобар мост од академијата до големиот фудбал. Постои надеж дека новото правило за домашни играчи во Премиер-лигата значително ќе ги подобри можностите. Иако тоа не прави дискриминација врз основа на националност, потребно е најмалку осум од домашните играчи во тимот да немаат повеќе од 26 години.

Една област каде што Астијазаран би сакал шпанската лига да ја следи Премиер-лигата е укинувањето на паузата од една недела среде сезона во Шпанија.

– Тоа е луксуз – вели тој.

Астијазаран ја намалува на минимум перцепцијата дека рамнотежата на моќта во европскиот фудбал сега е шпанската лига, и тоа без славните имиња на Реал Мадрид и на Барселона.

– Мислам дека, на ниво на конкуренција и компетентност, двете лиги се добри – вели тој.

 

Sport105-5

Маратонот на Козјак – празник за македонскиот пливачки спорт

Втората трка од Македонскиот куп во далечинско пливање (која се одржа саботата, 30 август) на езерото Козјак, овозможи одлични услови за повеќе од 40 наши пливачи во јуниорска и во сениорска конкуренција да ги докажат своите квалитети. На овој празник на македонскиот пливачки спорт триумфираше Евгениј Поп Ацев, кој патеката од 10 километри ја исплива за два часа и пет минути и ја потврди својата форма пред претстојниот маратон Капри – Неапол.

Врвната организација на ЈПУЗПП „Јасен“ и Пливачката федерација на Македонија, под генерално покровителство на Македонски телеком и Т-мобиле Македонија и Министерството за внатрешни работи, како и активно учество на многу државни и јавни институции, овозможија успешна реализација на маратонот, промоција на нашите спортисти, но и на потенцијалот на подрачјето на Јасен и на езерото Козјак за развој на спортскиот и рекреативен туризам.

Sport105-4

Следната трка од Македонскиот куп е на Дојранско Езеро на 13 септември.

Други резултати:
Победник на патеката од пет километри беше Никола Василевски, а на 2,5 километра, која патека ја пливаа јуниорите, прво место освои Давор Петровски. Од девојчињата на 2,5 километри победи Бојана Стефановска, на пет километри Ева Барамачева, додека најдолгата патека прва ја исплива Елена Атанасова.

 

(Пишува: Зоран Поповски
Текст објавен во 106. број на неделникот „Република“, 5.09.2014)

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top