| четврток, 6 декември 2018 |

Оставки во грчката државна телевизија поради владини притисоци

Главната опозициска грчка партија Сириза денеска ја обвини Владата за “напор без преседан, карактеристичен за периодот по Хунтата, со цел јавниот радиодифузен сервис Нерит да не го емитува утрешниот говор на лидерот на партијата на Солунскиот меѓународен саем (ТИФ) “.

grcka tv

Сириза го нападнаа премиерот Андонис Самарас, велејќи дека „ваквата цензура, по лична интервенција на премиерот, е толку провокативна што предизвика оставка на администрацијата на Нерит која беше назначена од страна на Владата, претседателот и управниот директор Андонис Макридимитрис, како и заменик-генералниот директор Родолфос Моронис“, јави дописникот на МИА од Атина.

Опозициската партија смета дека „во услови на паника предизвикана од политичкиот ќор-сокак и распаѓањето на владејачкото мнозинство, тие прибегнуваат кон единствениот начин што го знаат, а тоа е државен удар и апсолутизам, давајќи примери за тоа како планираат да ги организираат предизборните дискусии“.

Еден ден откако управниот директор на Нерит и неговиот заменик поднесоа оставки, портпаролот на Сириза Панос Скурлетис изјави дека „информациите за политички притисок врз државната телевизија да не обезбеди пренос во живо од планираниот говор на лидерот на Сириза Алексис Ципрас на ТИФ и планираната прес-конференција во недела, се сурова интервенција“.

Скурлетис изјави дека зборувал со Макридимитрис кој го увери дела ќе има пренос од говорот на Ципрас, по што се создале големи тензии кои го натерале управниот директор на Нерит и неговиот заменик да поднесат оставки, само после четири месеци на функцијата. Родолфос Моронис на својот профил на Твитер напиша:„ако велите дека сакате да создадете нешто независно, објективно и со добар квалитет, но не мислите така, не му ја давајте работата на некој што го мисли токму тоа“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top