
Остварувањето што го одбележа детството на многу генерации, приказната за дадилката со волшебна моќ, која со децата што ги чува минува низ авантури, познатиот мјузикл „Мери Попинс“, премиерно бил прикажан пред 50 години. Филмот го режирал Роберт Стивенсон, а главните улоги им припаднале на Џули Ендруз и на Дик ван Дајку, кој се појавува во улогата на Берт.
Приказната за дадилката во едно лондонско семејство на почетокот на 20 век, која, буквално, паѓа од небо со волшебна рачна торба во која може да се стави и мебел, се темели на серија истоимени романи од писателката П.Л. Траверс.

И покрај тоа што авторката се откажала од мјузиклот бидејќи сметала дека музиката и анимацијата се мошне лоши, филмот доживеа огромен успех. Ендруз за улогата на Мери Попинс доби „Оскар“ за најдобра актерка, а филмот доби „Оскар“ и за најдобра монтажа, најдобра музика и за најдобра песна.
Приказната говори за Џејн и Мајкл, брат и сестра, кои живеат во раскошна куќа во Лондон. Нивниот татко (Дејвид Томилсон) е банкар што живее по строго определени правила во кои децата претставуваат пречка на неговата секојдневна рутина.
Нивната мајка (Глинис Џонс) поголемиот дел од времето го поминува на разни добротворни настани и не им обрнува внимание на децата, исто како и нејзиниот сопруг.

Сепак, тие даваат оглас во кој бараат совршена дадилка, по тајното писмо што го напишале децата во кое опишуваат каква дадилка сакаат. Работата ја добива Мери Попинс, која решава да се пријави и во куќата им паѓа право од небо. Таа, по подолго време, повторно внесува радост во животот на двете деца.
Учењето со песна и со забава, но и со помош на пријателот, кој има слични способности (Дик ван Дајк) ќе ги одушеви Мајкл и Џејн, но не и татко им, кому методите на дадилката нема да му се допаднат.
Сепак, Мери успева да му помогне да изгради однос со децата воведувајќи го во светот на необични и ексцентрични ликови. Кога еднаш ќе зачекори во тој свет, тој набргу станува примерен татко.
Во1964 година филмот „Мери Попинс“ ја доживува својата премиера, така што годинава се навршуваат 50 години од премиерата на овој мјузикл. Филмот го држи рекордот на номинации за „Оскар“ меѓу сите филмови на Дизни. Бил номиниран за 13, а освоил пет награди „Оскар“, меѓу кои и „Оскар“ за најдобра актерка во главна улога, кој денес краси некоја полица на славната Џули Ендрус.

Филмот Мери Попинс е работен според книгите за деца на британската авторка Памела Линдон Траверс (P.L.Travers). Интересно е тоа што таа долго време одбивала книгата да добие соодветен претставник на филмското платно, а откако се согласила постојано наоѓала забелешки во сценариото. Иако според договорот заработила 100.000 долари (во денешна вредност околу 750.000) и тантиемите од продадените билети, што ја направило многу богата жена, Памела Траверс од студиото на Дизни не добила билет за премиерата, па морала самата да го набави. Билетот ѝ бил скратен поради несогласувањата со авторската екипа и со самиот Волт Дизни во текот на снимањето. Имала многубројни забелешки на сценариото, песните, начинот на глумење…, дури и на употребата на црвената боја! Особено ја иритирале анимираните сцени. Интересниот однос меѓу Памела и Волт е прикажан во филмот „Спасувањето на Господин Бенкс“. Во улогата на Памела се појавува Ема Томпсон, како Волт Дизни, пак, Том Хенкс.
Памела била, навистина, интересна личност. Нејзиното вистинско име е Хелен Линдон Голф и таа е, всушност, од Австралија, но емигрирала во Британија. Освен писателка, била и новинарка и актерка. Иако набрзо по објавувањето на Мери Попинс таа се прославила, сепак успевала приватниот живот да ѝ остане приватен, но народот бил вчудовиден кога дознал дека таа, всушност, била бисексуалка.

Песните во филмот се многу оригинални, како и во секој филм на Дизни. Сепак, на тимот што работел не му било лесно. Браќата Шерман работеле речиси две и пол години за да направат 30 песни од кои 11 влегле во филмот. Но, затоа биле наградени со „Оскар“ и со натамошна работа во студијата на Дизни каде што направиле песни за уште многу филмови, меѓу кои и филмот „Кралот лав“ (Lion King).
Самиот Волт Дизни изјавил дека „Мери Попинс“ е негов омилен филм. Омилена песна од филмот му била „Feed the birds“ и при секоја посета на Шерманови барал да му ја свират.
Многу филмски стручњаци и критичари го анализирале филмот „Мери Попинс“ и заклучиле дека во него има очигледни сцени инспирирани од филмот „Птици“ на Хичкок. По повод јубилејот од педесет години, филмот влезе во регистарот „наследство за иднината“ на вашингтонската Конгресна библиотека.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст


