| четврток, 6 декември 2018 |

Американците први финалисти, ја чекаат Србија или Франција

Репрезентацијата на САД е првиот финалист на Светското првенство во Шпанија откако во полуфиналето ја совладаа Литванија со резултат 96-68 и со тоа ќе има можност да го одбрани златниот медал освоен пред четири години на шампионатот во Турција.

Американците во полуфиналето во Барселона очекувано ја совладаа Литванија во реприза на полуфиналето од Истанбул. Триумфот од 96:68 им донесе уште еден натпревар за златен медал, а разликата од 20 и повеќе поени избраниците на селекторот Мајк Кжижевски ја направија на почетокот на вториот дел, кога Литванија повеќе од 5 минути не постигна кош од игра.

Најефикасен на натпреварот беше Кајри Ирвинг со 18 поени, додека Џејмс Харден и Клеј Томсон постигнаа по 16 за селекцијата на САД. Кај Литванија, Јонас Валанчиунас и Миндаугас Кузминскас постигнаа по 15.

По поразот, Литванија ќе игра в сабота во Мадрид во „малото финале“ и тие ќе можат да го повторат успехот од претходното првенство кога беа третопласирани. Вечер во второто полуфинале од 22 часот во Мадрид играат Србија и Франција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top