Десет арапски држави, меѓу кои и Саудиска Арабија се обврзаа да соработуваат со САД во борбата против муџахедините од Исламската држава во Ирак и во Сирија, беше соопштено по состанокот во Џеда на кој присуствуваше американскиот државен секретар Џон Кери.
– Тоа би можело да вклучи учество во координирана воена кампања – се наведува во текстот и се додава дека учесниците разговарале за стратегија за уништување на ИСИЛ без оглед каде се наоѓа.
Саудиска Арабија, Бахреин, ОАЕ, Кувајт, Оман, Катар, Египет, Ирак, Јордан, Либан и САД се договориме дека ќе се обединиме против заканата што за регионот и за светот претставува тероризам во сите облици, се наведува во соопштението. Состанокот во Џеда е одржан на ниво на министри за надворешни работи, по говорот на Обама, кој изјави дека е подготвен да ја нападне Исламската држава и да ги прошири нападите, кои во Ирак траат три месеци.
Кери соопшти дека арапските земји ќе имаат главна улога во таа борба. Во документот не се споменува Турција, која, исто така, беше присутна на состанокот. Во Анкара, владин извор соопштил дека Турција нема да учествува во вооружени операции на меѓународната коалиција, туку во целост ќе се концентрира на хуманитарните операции. Американски дипломат во Џеда изјавил дека ја разбира тешката позиција на Турција, чиишто дипломати во моментов се задржани на територија под контрола на ИСИЛ и заклучил дека Турците ќе донесат одлука за улогата што можат да ја преземат. Саудискиот министер за надворешни, принцот Сауд бин Фаисил се заложил за глобална акција против тероризмот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.