Разговорот што пред речиси 22 години го воделе тогашните први луѓе на грчката влада и на американската администрација, Константин Мицотакис и Џорџ Буш, најдобро покажува каква дипломатска војна води или водела грчката влада од почетокот на спорот за името. Грчкиот премиер тогаш во присуство на својата ќерка, идната шефица на дипломатијата Дора Бакојани, немал никаков проблем да измисли анкета според која само 17 проценти од Македонците биле емотивно врзани за името Македонија. И покрај тоа што во последниве дваесетина години има десетици вакви и слични инциденти во кои грчките дипломати се фатени како лажат или ги извртуваат фактите, сепак, ова е најеклатантен пример за тоа како јужниот сосед ги манипулирал западните партнери затоа што е објавен од официјална американска институција на поранешен претседател. Колку претерал Мицотакис се гледа и од директниот одговор на Буш Постариот, кој го негира гостинот за нивото на демократијата во земјава што во дипломатскиот протокол најчесто значи дека едниот од соговорниците на другиот му укажува дека тој знае дека се користи со лаги. Всушност, во самиот разговор, доколку се анализира внимателно, особено во вториот дел, може да се забележи едно високо ниво на нетолерантност кај Буш Постариот за ставовите на Мицотакис. Буш Постариот на неколку пати директно ги преиспитува информациите и ставовите на Мицотакис, најверојатно затоа што мудриот американски претседател точно знаел што е намерата на грчкиот премиер и каква е ситуацијата во Македонија.
Во продолжение еве го целиот транскрипт од разговорот, а во идниот број ќе пишуваме за уште еден пример на безобразни грчки лаги во дипломатската битка меѓу двете земји.
Разговорот е воден на 7 ноември 1992 година, од 14.00 до 14.45 часот. Еве како се одвивал разговорот каде што се споменува и Македонија:
Претседателот Буш: Би сакал да му посакам добре дојде на мојот стар пријател Константин Мицотакис во Белата куќа и да му кажам колку му се восхитувам и го почитувам. Навистина уживав во нашата досегашна соработка.
Драго ми е што имам можност да ви кажам, господин премиер, колку го ценам нашето пријателство – иако некои работи не излегоа како што сакавте, но, ние секогаш сме имале искрени разговори.
Премиерот Мицотакис: Прво, сакам да ви се заблагодарам, господин претседател, за сѐ што направивте за Грција и за грчко-американските односи. Исто така, навистина го ценам нашиот приватен однос и пријателство. Вие успеавте да ги подигнете односите меѓу нашите земји на нивото што го посакавме – тоа е од голема важност. Атмосферата е, дефинитивно, многу подобра откако вие ја презедовте претседателската функција.
Исто така, би сакал да ви се заблагодарам за вашите напори за решавање на спорот со Кипар.
Претседателот Буш: Знам дека средбата во Њујорк не излезе добро, но не е сѐ загубено. Дали постои нешто друго што би сакал да го направиме?
Премиерот Мицотакис: Продолжете да им давате поддршка за позитивна порака на следната резолуција на ОН – тоа функционира. Мислам дека секретарот Иглбергер и претседателот Василиу веќе разговарале и се договориле за елементите. Знаете дека изборите во Кипар ќе се одржат за неколку недели, во јануари.
Претседателот Буш: Како ќе излезе тоа? Дали Василиу ужива популарност?
Премиерот Мицотакис: Василиу има добри шанси. Сепак, многу зависи од резолуцијата на ОН. Не само за Василиу, туку и за кипарското население.
Претседателот Буш: Кој е неговиот главен конкурент?
Премиерот Мицотакис: Клеридес. Сериозен и одговорен човек. Се надевам дека развојот на настаните во Кипар ќе биде позитивен.
Претседателот Буш: Ве уверам дека ќе останеме вклучени во случајот.
Секретарот Иглбергер: Можеме да извлечеме добро решение.
Премиерот Мицотакис: Знаете колку е Турција важна за нас. Но, спорот со Кипар мора да се реши.
Претседателот Буш: Постојано им го кажуваме тоа на Турците. Но, тешко дека ќе му се спротивстават на Денкташ.
Премиерот Мицотакис: Веруваме дека дури и тој сфаќа дека мора да се најде решение, но тој не е подготвен да ја плати политичката цена. Во секој случај, не можеме да дозволиме внатрешните случувања во Турција да влијаат на можноста за решавање на спорот. Демирел се чини како прилично стабилен човек.
Претседателот Буш: Досега сме имале добри односи со Турција. Пријатно е да се работи со нив во повеќе погледи. Ќе продолжиме да работиме на Кипар. Не гледам никакви радикални промени во политиката на САД по транзицијата.
Премиерот Мицотакис: За време на ручекот, со секретарот Иглбергер и со генералот Скоукрофт зборувавме и за Југославија.
Претседателот Буш: Би сакал да ги слушнам вашите ставови.
Премиерот Мицотакис: Како што му кажав на секретарот Иглбергер, ситуацијата е критична. Мојата земја, и јас лично, сме подготвени да помогнеме да се најде решение за оваа тешка ситуација. Ние сакаме да ги ставиме нашите традиционално добри односи со Србија во служба на заедничките напори. Подготвени сме да преземеме каква било акција за Србите да ги отворат патишта, итн.
Претседателот Буш: Ве охрабруваме да го искористите вашето влијание. Ние се обидовме. Многу сме загрижени за ситуацијата. Тоа е, навистина, страшно, особено за децата. Многу луѓе ме охрабруваат да ги употребам сите воени сили. Но, проклет да сум ако испратам макар едно американско дете во нејасна ситуација, каде што не може да победи. Ситуацијата на луѓето е нашата најголема грижа. Тоа се историски ривалства. Грција не може да ги реши; САД не можат да ги решат.
Премиерот Мицотакис: Војната во Босна нема да заврши наскоро.
Претседателот Буш: Сите толку многу се мразат едни со други. Тоа е доволно лошо во американската политика.
Премиерот Мицотакис: Во Косово е потребен многу голем обид за да се спречи прелевање на чашата.
Претседателот Буш: Тоа е како казан во кој врие вода.
Премиерот Мицотакис: Најважното нешто во целата работа е да се има почит кон границите. Надворешните и внатрешните граници. Решението во Косово може да биде напредна состојба на автономија, без да се оди далеку колку што е самоопределување. Сметаме дека Албанците почнуваат да го сфаќаат тоа. Треба да се најде начин Србите и Албанците да постигнат разбирање.
Претседателот Буш: Сосема сте во право. Вие сте, можеби, во подобра позиција да помогнете да се случи тоа.
Премиерот Мицотакис: Прашањето што е најблиску до нашите грчки срца е тоа за Скопје/Македонија. Ќе разговараме за ова во Единбург.
Претседателот Буш: Оптимист сте? Ние имаме големи надежи.
Премиерот Мицотакис: Нема да предвидувам. Се обидов да им објаснам на секретарот Иглбергер и на генералот Скоукрофт дека нашиот пристап е позитивен. Ние сакаме оваа република да постои и презедовме неколку иницијативи во таа смисла. На пример, постојат гаранции за границите. И Албанија, и Бугарија и Србија се изјаснија така. Тоа што ние не можеме да го прифатиме е нивното официјално име да го содржи терминот Македонија. Ќе бидам многу искрен. Ако се случи такво нешто, ќе има вистинска дестабилизација. Но ова прашање може да се реши сега, како почетна точка за позитивен пристап. Досега со Југославија имавме многу неуспеси, зошто барем еднаш да немаме успех? Вклучувањето на Македонија во официјалното име е желба на помалку од 50 проценти од луѓето. Резултатите на една неодамнешна анкета таму беа дека не повеќе од 17 проценти од населението го сака тоа име.
Претседателот Буш: Тогаш зошто владата на Македонија толку се закачила за тоа име?
Премиерот Мицотакис: Има нешто зад тоа име, од периодот под комунизам. Не е лесно за сегашната влада да се ослободи од старите навики. Ќе се претера ако се каже дека во оваа област има демократија. Старата линија комунисти под Тито уште има моќ. Но Глигоров е сериозен човек. Со него би можело да се постигне договор. Токму поради тоа, решението што го предложивме ние е добра формула.
Претседателот Буш: Јас ќе дадам изјава и би сакал да ми кажете што не чини во неа. Но, прво, сакам да кажам дека ние ги цениме нашите односи. Секој Американец знае дека нашите односи се многу, многу подобри. Но мојата изјава е ова: Оваа република продолжи со градење на својата демократија и статус во согласност со хелсиншките принципи. Таа продолжи по тој пат на речиси примерен начин. Значи, сакам да кажам две работи: тие го прифатија Хелсиншкиот договор и нивните достигнувања се примерни. Се согласувате со овие точки или Грците гледаат поинаку на работите?
Премиерот Мицотакис: Па не би се согласил дека тие имаат примерна демократија. Но тоа е република што би можеле да ја толерираме.
Претседателот Буш: Не, јас не велам примерна демократија, туку дека тие ја спроведуваат на примерен начин.
Премиерот Мицотакис: Се согласувам. Да. Токму поради тоа ние немаме никакви проблеми со оваа република и сакаме таа да постои. Но не можеме да го прифатиме името. По Лисабон – кој пресуди во наша корист – реакцијата на Глигоров беше да ја провоцира Грција. Оваа република беше формирана од Тито и од Сталин по Втората светска војна, со цел да…(недостига)… Соединетите Американски Држави; мојата генерација се сеќава на тоа. Но луѓето што се на власт во Скопје се исти – кога тие го користат ова име, ние стануваме мошне недоверливи. Ние сакаме да престанат да го користат овој термин и да имплицираат дека ние им должиме нешто. Дури и во нивниот Устав тие имаат одредба за државјани во странство, меѓу другите и во Грција. Затоа ние го имаме едноставното барање тие да изберат друго име. Ние не можеме да го прифатиме ова – ниедна грчка влада нема да може. Инаку ќе бидеме дестабилизирани.
Претседателот Буш: Сакав да бидам сигурен дека нема ништо друго што би ви предизвикало проблеми.
Премиерот Мицотакис: Уште еден проблем, кој барам САД да го спречат е приемот на оваа земја во ОН бидејќи ако тие бидат примени, оваа дискусија ќе стане залудна.
Претседателот Буш: Но ако вие немате проблем со името, тие може да бидат примени.
Премиерот Мицотакис: Замолувам ако може да помогнете да се одложи тоа.
Секретарот Иглбергер: Ќе видиме што може да направиме.
Премиерот Мицотакис: Тоа е многу важно. Тоа ќе биде трагедија. Не можеме да си го дозволиме тоа. Не ги преувеличувам работите, се обидувам да постигнам компромис. Но ако се случи тоа, тоа ќе биде трагедија за Грција и за мене.
Претседателот Буш: Постојат ли поделени мислења за ова кај вас, во Грција?
Премиерот Мицотакис: Не. Тоа е единственото прашање за кое Папандреу, мојот поранешен министер за надворешни работи, Самарас и јас се согласуваме.
Претседателот Буш: Ние сакаме да се обидеме да помогнеме, можеби ќе може да помогнеме да се одложи.
Секретарот Иглбергер: За тоа нема да се дискутира пред Единбург. Ако се најде решение, нема да има проблем.
Премиерот Мицотакис: За нас е многу важно тоа да се одложи за време на преодниот период.
Претседателот Буш: Кога е следниот голем грчки политички настан?
Премиерот Мицотакис: Не знам. Обично, мај 1994 година. Но, нашата економија не стои добро.
Претседателот Буш: Ни вашата, ни нашата – сите ние треба да бидеме како Кинезите – нивната економија расте со девет проценти, а ние тука се бориме. Германија, секој си има проблеми. Дел од моето наследство е сите да мислат дека сме во полоша ситуација од сите други.
Премиерот Мицотакис: Минуваме низ лош период, мора да преземеме многу строги мерки за нашата економија.
Претседателот Буш: Да видиме каде може да помогнеме.
Премиерот Мицотакис: Сметам на вас, господин претседател.
Претседателот Буш: Кажете ми, до кога трае изложбата на антиквитети?
Премиерот Мицотакис: До март.
Претседателот Буш: Се надевам дека ќе имам можност да ја посетам.
Премиерот Мицотакис: Дозволете ми да ви повторам, ве молам да дојдете во Грција.
(објавено во 105. број на неделникот „Република“, 5.09.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.