| четврток, 6 декември 2018 |

Одржана 12. седница на Координативното тело на градоначалници од Скопје

gradonacalnici

Евиденцијата и наплатата на данок на имот, поставувањето времени објекти и поставувањето урбана опрема, регулациските планови, беа само дел од темите на 12-та седница, кои денеска ги разгледуваше Координативното тело на градоначалници на Град Скопје

Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски, информираше дека наплатата на данок за осум месеци е зголемена за 12 проценти во однос на минатата година и додаде дека програмата за поставувањето времени објекти и урбана опрема што ја подготвува градот Скопје е при крај.

-Програмата за две опшини веќе е направена, тоа се општините Центар и Гази Баба, а на останатите општини ќе им биде доставена за да дадат свои видувања и корекции. Се надеваме дека на Советот во октомври ќе биде изготвена оваа програма и по нејзиното донесување ќе воведеме ред во поставувањето на времените објекти и урбаната опрема во Скопје, подвлече Трајановски.

За регулаторските планови, градоначалникот информираше дека на следниот совет ќе бидат усвоени шест, а до крајот на јануари следната година ќе бидат донесени сите регулациски планови кои што се согласно новиот ГУП.

– На седницата дискутиравме и за набавка на садници. Градот Скопје секоја година набавува и ги дава на граѓани, куќни совети, институции, а имаме и план за садење 2.017 дрвја по булеварите од кои половина ги завршивме во пролетниот период, а останатите ќе се посадат во зима, рече Трајановски.

На координативното тело се дискутирало и за изработка на атмосферски канализации на улиците кои се во надлежност на општините, а градоначалниците биле информирани и за преземените мерки за десетте кризни точки од поплавите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top