Третата фаза од процесот на либерализација на пазарот на електрична енергија ќе овозможи сите лиценцирани снабдувачи да понудат пониски цени за корисниците од досега регулираните. Менаџерот на “ЕВН Снабдување” Нико Берберу изјави дека оваа компанија на слободниот пазар ќе понуди најповолни услови.
– Бизнис корисниците ќе имаат специјален третман со посебни пакети дизајнирани според специфичните потреби на нивниот бизнис, ќе понудиме ефтина тарифа за сите бизнис корисници, а во зависност од напонското ниво на кое се наоѓаат ќе понудиме поефтина цена и до 40 отсто. Тимови на “ЕВН Снабдување” развија нови пакети за компаниите и тие ќе имаат можност да одберат пакет во контактите со нашите агенти или самите тоа да го сторат со аплицирање на интернет страната на “ЕВН Снабдување” – вели Нико Берберу.
Со новите измени поврзани со процесот на либерализација и реализација на третата фаза, домаќинствата и малите компании имаат право да се снабдуваат со електрична енергија на слободен пазар или да останат на Регулиран пазар, каде што цената и понатаму ќе ја одредува Регулаторната комисија за енергетика. Оваа категорија на потрошувачи ќе треба до 15 ноември годинава да се изјаснат, дали остануваат на регулираниот или пак ќе се одлучат да се снабдуваат со електрична енергија на слободен пазар.
– ЕВН ќе ги снабдува корисниците и ако се одлучат да останат на регулираниот пазар и ако се одлучат за отворениот. Цената на регулираниот пазар ќе ја одредува Регулаторната комисија за енергетика , а на отворениот цената ќе зависи од сите пазарни компоненти, вели менаџерот на “ЕВН Снабдување”. Ние како и досега ќе продолжиме да нудиме многу поволности, за нашите корисници, како што е можноста за плаќање на рати, иновативни начини за плаќање на електричната енергија и бесплатни совети за рационално користење на елетричната енергија – додава Берберу.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.